Електрани на Македонија со сопствени и средства со заем од Дојче Банк во наредните месеци ќе го гради главниот транспортен систем за јаглен од површинскиот коп Брод-Гнеотино до површинскиот коп Суводол. Вкупната инвестиција е 18,6 милиони евра, од кои 2,6 милиони се сопствени средства, а 16 милиони се заем од Дојче Банк, за што денеска беше потпишан договор. Гаранција за заемот е Република Македонија.
 
Овој транспортен систем ќе овозможи континуиран, брз и ефикасен транспорт на јагленот од извозната рампа на усекот во новиот површински коп Брод – Гнеотино, до истоварното место на јагленовиот систем во рудникот „Суводол“. Избрана е траса во вкупна должина од 10 километри.
 
– Со реализацијата на проектот ќе се заокружи процесот на производство и испорака на јаглен од новиот површински коп до постојниот рудник Суводол и потоа заедно со јагленот од постојниот рудник „Суводол“ и од подинската јагленова серија на рудникот Суводол очекуваме да го продолжат векот на работа на РЕК Битола во наредните 20 до 25 години, рече на потишувањето на договорите генералниот директор на ЕЛЕМ Влатко Чингоски.
 
Тој информира дека за целосно отворање на површинскиот коп Брод-Гнеотино беа потребни вкупни инвестиции од 94 милиони и оти досега ЕЛЕМ има вложено над 65,5 милиони евра од кои 42,8 милиони сопствени средства, а останатите 22,7 милиони евра се обезбедени преку кредитни средства. Првите количини јаглен од новиот коп се извадени во 2010 година и до денес до ТЕ Битола се транспортирани околу 600.000 тони јаглен преку дисконтинуиран транспорт.
 
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој го потпиша договорот за гаранција меѓу Владата на Република Македонија и Дојче Банка, проектот е од особено значење за стабилноста на електро-енергетскиот систем во земјата, бидејќи РЕК Битола произведува 70 отсто од домашната електрична енергија.
 
– Секој договор за инвестиции е добра работа, а инвестирањето во енергетиката е одлична работа, оцени министерот по потпишувањето.
 
Заемот, како што рече, е даден под исклучително поволни услови – 17 полугодишни рати со камата која во моментов изнесува 2,9 отсто.
 
– Овој заем одобрен на ЕЛЕМ е резултат на петгодишни преговори, рече заменик-претседателот на Дојче Банка Мајкл Цоф, кој истакна дека се насочени кон поголемо присуство во регионот на Централна и Источна Европа.
Ова е прв заем на Дојче Банка во Република Македонија и како што истакна Цоф е потврда на нивните стремежи и желба да се продолжи соработката.
 
Опремата за транпортниот систем ќе се монтира во наредните месеци. Договор за набавка и монтажа е потпишан со германската компанија „Тисен Крупп“ која даде најповолна понуда на меѓународен тендер минатата година.(МИА)