Денеска во Владата се потпиша договорот со Европската инвестициска банка, со кој на малите и средни претпријатија им се ставаат на располагање 100 милиони евра кредити за проекти. Договорот беше потпишан од страна на министерот за финансии Драган Тевдовски, потпретседателот на Европската инвестициска банка Ендру Мекдауел и директорот на Македонската банка за поддршка на развојот Драган Мартиновски. На настанот присуствуваше и премиерот Зоран Заев.

Кредитната линија ќе се пласира преку Македонската банка за поддршка на развојот и 11 деловни банки. Компаниите ќе можат да аплицираат со проекти веќе од средината на октомври. Тие средствата можат да ги искористат за набавка на основни средства како машини и опрема или за обртни средства.  Се очекува кредитната линија да биде понудена по пониски каматни стапки, односно со каматна стапка од околу 3,5 отсто и ќе има рок за враќање од 12 години со грејс-период од две до четири години во зависност од проектот.

Министерот за финансии Драган Тевдовски посочи дека малите и средни претпријатија се важен дел од македонското стопанство. Како што нагласи, тие претставуваат над 99% од вкупниот број претпријатија во земјава, кои учествуваат во креирањето на бруто-домашниот производ со преку 55% и во креирањето на работни места со 75%. Во таа насока, како што истакна министерот, Владата преку оваа кредитна линија, но и преку низа други мерки се залага да обезбеди пристап до капитал за овие претпријатија, за нови инвестиции и нови работни места.

– Ќе истакнам дека кредитната линија од ЕИБ не е единствениот чекор на Владата за јакнењето на малите и средни претпријатија. Во овогодишниот Буџет се издвоени 1,1 милијарда денари за поддршка на инвестициите, како и рекордна сума од скоро милијарда денари за активни мерки за вработување. Тие во голем дел се однесуваат на микро, малите и средни бизниси.Зголемувањето на ликвидноста на фирмите се одвива и преку навремениот и неселективен поврат на ДДВ. Само од почетокот на годинава извршен е поврат од 15,4 милијарди денари или 250 милиони евра. Врз основа на сето ова, би сакал да истакнам дека 100-те милиони евра од ЕИБ се само дел од поголемиот план за поддршка на малите и средни претпријатија – рече Тевдовски.

Како што истакна премиерот Зоран Заев по потпишувањето на договорот за користење на средствата, Европската инвестициска банка со доделувањето на поволниот кредит го препозна позитивниот сигнал што го има македонската економија особено во вториот квартал од годинава, кога е забележан раст на БДП од 3,1 отсто, раст на индустриското производство од 8,4 отсто и зголемување на вработеноста во јули од 7,2 отсто во однос на истиот период лани. Има, нагласи, рекордни странски инвестиции од 327 милиони евра вопрвитешест месеци од годинава и раст на извозот од 17 отсто.

– ЕИБ е најголемата финансиска институција која обезбедува финасиска поддршка за големи одржливи инвестициски проекти кои во суштина се придонес кон остварување на политиките и целите на Европската унија. Тоа значи  дека ЕУ и нејзините финансиски институции за поддршка на развојот на земјите кандидати за членство во Унијата ги препознаа позитивните сигнали од македонската економија и трендовите за одржлив развој. Најновото признание ни доаѓа како многу поволен кредит во висина од 100 милиони евра наменет за реализација на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност и зголемен извоз за малите и средните претпријатија, рече Заев. Нагласи дека посебна поволност е што по враќањето на заемите од оваа кредитна линија, тие повторно ќе се пласираат како кредити во македонското стопанство.

Заменик-директорот на ЕИБ, Ендрју МекДауел, истакна дека со оваа кредитна линија се поддржува приближувањето на земјава кон ЕУ и најави дека имаат намера во иднина да се фокусираат на поддршка на транспортот, енергијата и заштитата на животната средина.

– Како што забрзува процесот на интеграција со ЕУ, присутноста на ЕИБ ќе се зголемува… Нашата поддршка во изминатите години придонела да се создадат околу 6.000 нови работи места во речиси 2.000 мали и средни компании во вашата земја, рече Мекдауел.

Досега вкупната поддршка од ЕИБ за земјава изнесува над 770 милиони евра.

 

 

Comments are closed.