Со 10,3 милиони евра исклучително поволен заем и еден милион евра грант од Сојузна Република Германија преку KFW банката денеска е затворена финансиската конструкција за проектот „Наводнување на Јужна Долина на Реката Вардар – фаза 2“.
 
Проектот ќе обезбеди наводнување на 3.900 хектари во 13 населени места од гевгелиско-валандовскиот регион и од него бенефит се очекува да имаат 5.500 земјоделски семејства. Вкупната сума за реализација е 21,7 милиони евра, 4,7 милиони ќе обезбеди Владата, а 5,7 милиони евра водните заедници.
 
– Заемот и е доделен на Република Македонија под исклучително поволни услови, со рок на отплата 20 години и пет години грејс период, а каматната стапка е фиксна и изнесува 2,5 проценти. За крајните корисници условите ќе бидат уште поповолни, водните заедници ќе го отплаќаат заемот, исто така за 20 години и пет години грејс период, но со каматна стапка од само 0,75 отсто годишно. Разликата во каматната стапка ќе ја субвенционира државата преку буџетот на Министерството за земјоделство, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на прес-конференција по потпишување на договорите за заем за финансирање на проектот.
 
Проектот, нагласи, е од големо значење за општините и селата во гевгелиско-валандовскиот регион, ќе овозможи целосно и подобро искористување на особено плодните обработливи површини во овој дел на Македонија.
 
Станува збор за исклучително важен регион каде земјоделското производство е подигнато на повисоко ниво.
 
– Повеќе од 11.500 корисници за три години ќе ги почувствуваат ефектите од редовното снабдување со квалитетна вода за наводнување. Целосно ќе се заборави досегашното неекономично површинско наводнување со бразди. Новиот систем вграден уште во првата фаза е еден од најсовремените и овозможува максимално искористување на водотеците од Кожуф и подземните води од реката Вардар, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.
 
Според него, ова претставува сигурна основа земјоделците да вложуваат во сопственото производство и во системите за наводнување капка по капка. За овие инвестиции Министерството секоја година дава 50 отсто поддршка.
 
– Македонското земјоделство има голем потенцијал и со реализацијата на овој проект ќе придонесеме за негово уште поголемо развивње. Токму целта на втората фаза, обнова и изградба на системите за наводнување, ќе ја зголеми продуктивноста во земјоделството, рече германската амбасадорка Урлике Кноц.
 
Како што рече директорот KFW банката Јирген Велшов, имплементацијата на проектот ќе стартува многу брзо. – Од целиот проект, вклучувајќи ја и првата фаза, придобивките ќе го почувствуваат вкупно 11.000 семејства или 50.000 луѓе. Ефикасносто искористување на водата за наводнување ќе го зголеми производството, а тоа ќе се одрази позитивно врз понудата и побарувачката и економијата генерално, подвлече Велшов.
 
Првата фаза од проектот „Наводнување на Јужна Долина на Реката Вардар – фаза 2“ чија цел беше зголемување на продуктивноста на земјоделските посеви, успешно се реализираше исто така со поддршка на KFW банката од 6,7 милиони евра, а опфати 2.600 хектари.(МИА)