Скопје, 26 септември 2012 (МИА) – Холандската компанија VPTEX почна со реализација на својата инвестиција во Македонија вредна два милиони евра. Фабриката ќе произведува заштитна опрема. Производството ќе биде наменето за странските пазари, пред се за земјите од Бенелукс и ќе отвори нови 180 работни места. Камен темелникот денеска го поставија премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески заедно со амбасадорката на Холандија во Македонија Мариет Шурман, директорот на холандската компанија Хјуб Зехвелд и градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски.

 

– Оваа инвестиција е уште еден доказ за кумулативниот прилив на холандски директни инвестиции во нашата држава и подобрувањето на билатералната трговска размена помеѓу двете земји. Тоа за нас е потврда дека холандските инвеститори веруваат во добрите макроекономски фундаменти и поволната бизнис клима која ја карактеризира Македонија, рече премиерот Груевски на поставувањето на камен темелникот во општина Илинден. Потенцира дека трендот на нови странски инвестиции во земјава ја задржува својата динамика и додаде дека повеќе од две години се работи за да се дојде до оваа фаза да почне изградбата на фабриката.

 

Премиерот најави дека и во иднина Владата ќе продолжи со подобрување на бизнис климата во земјата, со промоција на македонските инвестициски можности во странство со непосреден контакт со компаниите и партнерски однос со деловниот сектор во земјата.

 

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека новата фабрика покажува дека инвестициите доаѓаат таму каде има добра бизнис клима и истакна дека е важно што тоа се случува во услови на економска криза и кога малку луѓе се одлучуваат да инвестираат. – Ако денеска ги отвориме весниците во Европа нема да најдеме многу примери каде денес во Европа се отвора фабрика или се поставува камен темелник на производствен погон. Токму тоа му дава посебно значење на денешното почнување на изградбата на фабриката во Македонија. Тоа значи дека она што го правевме во изминатиот период како држава, она што го правиме како Влада за подобрување на бизнис климата дава резултати и овој пример денеска и многу примери што се случуваат во последно време покажуваат дека Македонија станува посакувана дестинација за инвестиции, рече министерот.

 

Според него, таа е резултат на довербата што ја стекна оваа компанија во своите соработници во Македонија во работната сила што ја нуди Македонија и начинот на кој се работи тука, а како што истакна ќе придонесе не само за отворање нови работни места, туку и за зголемување на извозот и на просперитетот на регионот каде е лоцирана.

 

Според директорот на холандската компанија, оваа инвестиција ќе придонесе да станат поконкурентни, но ќе даде придонес и за развој на заедницата каде што работи.

 

– Добриот пристап и добрата бизнис клима беше една од причините да одлучиме да инвестираме во Македонија, рече Зехвелд.

 

Холандската амбасадорка потенцира дека ова поставување на камен темелникот е доказ на долгорочното партнерство меѓу двете земји.

 

– Инвестицијата ја објаснува вербата што ја имааат холандските инвеститори во Македонија, рече Шурман. Градоначалникот на општина Илинден рече дека со денешното поставување на камен темеленик на оваа фабрика општина Илиднен го добива 110. инвеститор.

 

Според него, оваа инвестиција за општина Илинден значи голема придобивка, остварување економски развој, намалување на стапката на невработеност, пренесување нови инвестиции.

 

Холандската фабрика е една од најстарите во Холандија. Има долгогодишна соработка со Македонија од 1963 година и долгогодишното присуство. Ова е втора холандска гринфилд инвестиција во последната година. Фабриката ќе произведува помали специфични нарачки со краток рок на достава. За производството е веќе договорен пласманот. Се очекува да почен со работа за седум до осум месеци.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.