Над 60 општини во земјава се подготвени да ја издадат првата општинска обврзница, новиот инструмент кој ќе им овозможи да обезбедат дополнителни финансиски средства за реализација на своите капитални проекти. Меѓу првите општини кои може да ја издадат првата обврзници во април годинава се градот Скопје, Илинден, Битола, Кичево и Куманово.

&nbsp

Ова го соопштија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на град Скопје и претседател на ЗЕЛС, по денешната средба на која вицепремиерот Ставрески го претстави пред УО на ЗЕЛС Водичот за издавање општински обврзници.

&nbsp

– На чекор сме на издавање на првите општински обврзници во Република Македонија. Министерството за финансии согласно договореното со Управниот одбор на ЗЕЛС подготови Водич за издавање општински обврзници во кој е опишана целата процедура и од аспект на инструментот и од аспект на законската рамка и постапката што треба да ја следат општините за да може на наједноставен начин да ги подготват проспектите за издавање на првите обврзници, изјави министерот Ставрески.

&nbsp

Тој истакна дека анализирани се и искуствата од соседните земји и врз основа на тие искуства и нашата законска рамка е подготвен водич кој ќе им помогне на општините да можат да го совладаат овој проект, бидејќи е нов, пионерски. – Ние сме тука како Министерство за финансии низ овој процес да соработуваме на партнерски однос со општините и да дојдеме до таа фаза кога ќе бидат издадени првите обврзници, рече министерот Ставрески.

&nbsp

Тој изрази уверување дека врз основа на интересот што го покажале општините може набрзо веќе на почетокот на вториот квартал, можеби во април да бидат издадени првите обврзници во Македонија од страна на општините. – Верувам дека истите ќе бидат прифатени и од банките и пензиските фодови, како главни институционални инвеститори бидејќи се корисни и за инвеститорите во смисла на диверсификација на портфолиото и обезбедување соодветен принос, но пред се се корисни за општините, бидејќи на овој начин општините освен позајмиците што им беа на располагање, односно кредитите од банките или од буџетот, ќе може да обезбедат дополнителни долгорочни средства за финансирање пред се на нивните развојни проекти, истакна министерот.

&nbsp

Обврзниците ќе бидат долгорочни инструменти издадени на рок од неколку години и како такви ќе може да бидат вклопени во вкупните буџетски потреби на општините и да обезбедат финанисрање на значајни проекти од областа на комуналната инфраструктура, реконструкција на училишта и се друго што општините сметаат дека е во рамки на нивните приоритети.

&nbsp

Министерот смета дека над 60 општини можат да издадат обврзници во моментов. При што, како што рече, се разбира дека оние општини кои имаат подобри финансии имаат подобри шанси да ги издадат обврзниците и да платат пониски камати. Министерството има подготвено листа за тоа која општина колкав износ на обврзници може да издаде и оти сега зависи се од општините, кои, како што додаде министерот, треба да го исконбинираат овој начин на обезбедување финансиски средства со останатите заеми.

&nbsp

Максималниот лимит за издавање обврзници утврден во законската регулатива е вкупното долгорочно задолжување да не може да надмине 100 проценти од тековно оперативниот буџет на општината, а годишното сервисирање на долгот не може да надмине 30 проценти. – Тоа се лимити кои во Македонија се полиберални отколку во другите земји од соседството, а со цел општините да имаат поголем простор за да ги обезбедат овие средства. При тоа, се разбира, задржувајќи ги оние стандарди за она што е разумно ниво на задолжување, за да не дојдат општините во потешкотии од друга природа, рече министерот за финансии.

&nbsp

Според градоначалникот Трајановски можеби прва општина која ќе издаде обврзница ќе биде Градот Скопје, а меѓу првите ги напомена и Илинден, Битола, Кичево и Куманово.

&nbsp

– Има поголем број општини кои се заинтересирани за издавање обврзници и практично со ова општините ќе покажат дека сепак се витални и ќе ги користат сите можности за да ги реализираат своите проекти, рече Трајановски и изрази уверување дека ова за општините ќе биде многу значајно за подобрување на нивната финансиска стабилност.

&nbsp

Трајановски смета дека и финансиските институции ќе бидат заинтересирани за општинските обврзници бидејќи, како што вели, и општините се добар финансиски партнер.
Важно е, рече тој, издавањето на обврзницата да биде за одредени проекти зашто така ќе биде полесно и да се купи од страна на инвеститорите.

&nbsp

Општинските обврзници се уште една можност на општините, покрај позајмиците и кредитите да обезбедат финансиски средства потребни за реализација на нивните капитални проекти. Парите, според Трајановски, никогаш не се доволно и затоа ја поздравуваме и со нетрпение ја очекувавме оваа активност за да можат општините да ги издаваат обврзниците.

&nbsp

Тој ја нагласи добрата соработка со Министерството за финансии и поддршката што оваа инститиуција им ја даде за реализација на овој проект.(МИА)

Comments are closed.