Владата на Република Македонија на денешната седница го усвои предлог – ребалансот на Буџетот за 2010 година. Вкупното усогласување на расходната со приходната страна изнесува 4 милијарди и 700 милиони денари, или направено е кратење кај расходите и кај приходите за 3,2%. Буџетскиот дефицит останува во рамките на првично проектираните 2,5% од бруто домашниот производ.

&nbsp

Кратење на трошоците има во сите ресори. Голем дел од заштедите се однесуваат на категориите стоки и услуги, каде спаѓаат трошоците како патните издатоци, договорни услуги и други категории непродуктивни трошоци. Тука има кратење за 5,8% во однос на оригиналниот буџет, или за една милијарда денари. Втора крупна категорија каде се извршени усогласувања се капитални инвестиции, каде е скратено 5 милијарди и 220 милиони денари.

&nbsp

– Тука се обидовме, да не дојде до стопирање на ниту еден проект, но ќе има сериозни кратења во делот на проектите каде има можност за тоа, според досегашната динамика на реализација – изјави на денешната прес – конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

&nbsp

Како што изјави вицепремиерот една од основните цели на ребалансот била и да се заштедат сите повредливи категории на граѓани од ефектите на европската криза, така што ќе се обезбедат повеќе средства за здравството и социјална помош – изјави вицепремиерот Ставрески.

&nbsp

За таа цел е направена пренамена на 3,5 милијарди денари од буџетот, од кои милијарда и 120 милиони денари се наменети за здравството, односно за зголемување на буџетите на болниците, јавните здравствени установи и Фондот за здравствено осигурување. Зголемен е и трансферот кон Фондот за инвалидско и пензиско осигурување за 450 милиони денари, а за исто толку се зголемени и средствата наменети за социјална помош.

&nbsp

Во предложениот ребаланс обезбедени се и дополнителни 700 милиони денари за платите на наставниците, во согласност со потпишаниот колективен договор од страна на министерот за образование и синдикатот. Со ребалансот се врши и усогласување на масата на плати со неколку одлуки на Уставниот суд во однос на вклопувањето на минатиот труд кој се пресметува во целата плата и во однос на одлуката за пензионирањето на вработените во МВР.

&nbsp

Во ребалансот не се содржани предлози за зголемување на даноците, ниту предлози за намалување на платите и пензиите во Република Македонија.

&nbsp

– За разлика од многу други земји во Европа, каде што беа неопходни такви мерки нашата проценка е дека во Република Македонија тоа нема причина да се направи и така е поставен ребалансот – вели вицепремиерот Ставрески.

Comments are closed.