Скопје, 19 декември 2012 (МИА) – Предлогот на претседателот на Собранието на Република Македонија за деблокада на донесувањето на буџетот за 2013 година претставен денеска на координативната средба во Собранието, за вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески е прифатлив.
– Внимателно ќе ги разгледаме сите амандмани и онаму каде што ќе оцениме дека има поднесено амандман што се вклопува во општата рамка, во концептот што е наметнат во изминативе неколку години, тоа е да се подобри животот на граѓаните, да се овозможи економски развој, да се поддржи стопанството и земјата да оди напред ќе се изјасниме позитивно, се разбира во рамките на финансиските можности и во рамките на средствата што стојат на располагање. Се надевам дека на тој начин граѓаните ќе видат дека ВМРО-ДПМНЕ е конструктивна и пред се одговорна партија, која што најмногу внимава на интересите на граѓаните. Не би сакале земјата да биде доведена во криза како што сака Бранко Црвенковски на еден политички неодговорен начин заради проблеми во сопствената партија и заради лични интереси ги става во залог интересите на сите граѓани во Република Македонија, во тешки економски времиња кога сите се соочуваме со предизвиците на светската и економската криза, дополнително создава хаос и незивесност која што не ни треба, рече Ставрески.
Неговите очекувања, како што рече, се дека веројатно ќе има амандмани на кои што може позитивно да се одговори, но сепак треба да се почека до утре.
Вицепремиерот и министер за финансии рече дека до утре писмено ќе биде одговорено на амандманите, по што комисиите треба да го завршат својот дел.
– Овој предлог за нас е прифатлив односно дека во насока на барање решение во оваа ситуација и правење исчекор од страна на ВМРО-ДПМНЕ, рече Ставревски.
Ова, според него, покажува дека Владата има добра волја за да се надмине оваа криза што ја наметна Црвенковски и со која што ја вовлече целата држава во криза вклучувајќи ги и пензионерите, земјоделците, социјалците, стопанството…
-Тоа е неодговорно и скандалозно однесување на еден политичар, лидер на главна опозициска партија каква што нема во Европа, рече министерот за финансии, додавајќи дека нивната цел е и во овие околности да се обидат да бидат конструктивни и да најдат решенија.
Изрази надеж дека тоа ќе биде еден од начините за одблокирање на работењето на Собранието на Република Македонија и донесување на Буџетот во предвидениот рок.
– Секако би било најдобро двете комисии преку амандманската расправа тоа да го овозможат, но со оглед на блокирањето на двете комисии евидентно е дека таму неможе да се разгледаат амандманите, а за нас како и за демократијата во Република Македонија е значајно процесот на разгледување на амандманите да се заврши и Буџетот да биде донесен во предвидениот рок и во рамката и концептот како што е предложен, изјави вицепремиерот Ставрески.
Одговарајќи на новинарско прашање за дискусија по амандманите, рече дека тоа зависи од работењето на комисиите велејќи дека на координацијата претседателите на двете комисии во Собранието се изјасниле дека тие се блокирани.
Тој апелираше уште еднаш до опозицијата да не го спречува донесувањето на Буџетот и да не ги доведува во прашање социјалната и развојната димензија на Буџетот.
– Постои неконзистентност во ставот на СДСМ. Прво излегоа со 1.226 амандмани како опозиција кои подразбираат 2,5 нови буџети. Ако така се пристапеше не само што ќе ни требаше задолжувањето од Светска банка, туку ќе ни требаа и повеќе средства. Потоа доставија друг предлог со кој бараат кратење на вкупниот буџетски износ и буџетскиот дефицит во тие раммки. Тоа покажува дека нема конзистентност во политиките,туку има потреба за поместување на политиките зависно од дневно политичките состојби и потребата на Црвенковски, рече Ставрески.
Вицепремиерот потсети дека во насока на деблокада на буџетот на координацијата во Собранието имаше два предлога. Опозицијата, како што рече Ставрески, го одби првиот предлог што всушност беше временска рамка за донесување на амандманите и забрзување на дискусијата по нив.
Во изминатите неколку дена на Комисијата за финансирање и буџет беше дискутиран само еден амандман. Поминати се само 156, од 1.226 амандмани.