Раст на БДП од 4,5 отсто, ниска и стабилна стапка на инфлација од околу 2 до 3 проценти, намалување на дефицитот во тековната сметка од 3 до 6 отсто, балансиран раст на увозот и извозот, како и постепено зголемување на инвестициите до 5 проценти од БДП. Ова е само дел од макроекономското сценарио на Македонија содржано во Претпристапната економска програма (ПЕП) 2011- 2013 што денеска ја презентираше вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
 
Раст на индустријата од 5 до 8 отсто, на услугите 3 до 5 проценти и на земјоделството до 4 отсто, како и умерен раст на личната потрошувачка, се исто така дел од проекциите за периодот 2011-2013 година.
 
Во следните три години најголем раст се очекува во градежништвото, 7 отсто, а подобри перспективи ќе имаат и металната, текстилната и прехранбената индустрија. Девизните резерви ќе се одржуваат на високо ниво, приближно на сегашното од 1,7 милијарди евра кое, како што рече Ставрески, е доста солидно.
 
– Претпристапната економска програма е клучен стратешки документ во кој Република Македонија пред Европската унија ги презентира среднорочната макроекономска и фискална рамка, како и агендатата за структурните реформи за периодот 2011-2013. ПЕП е воедно и потврда пред ЕУ дека македонската Влада ќе се залага за одржување на макроекономската и фискалната стабилност во рамки на утврдените Мастришки критериуми, најмногу 3 отсто буџетски дефицит и 60 проценти државен долг, истакна Ставрески на презентацијата на програмата.
 
Според него, преку изработка на програмата Македонија се подготвува за постепена интеграција во мултилатералниот фискален надзор во економската и монетарната унија и Стратегијата на ЕУ – 2020.
 
– Македонската Влада пред Брисел ќе излезе со податоците за буџетскиот дефицит кој во 2009 и 2010 година беше 2,7 отсто, односно 2,5 од БДП, што е втор најнизок во Европа. Очекуваме тоа да биде препознаено како солидно остварување. Но, не застануваме тука. На среден рок планираме да го сведеме буџетскиот дефицит на просечно ниво од под два отсто, 2,2 во 2012 година и 1,9 отсто во 2013 година, што гарантира одржување ниско ниво на државен долг, а тоа е еден од главните критериуми за здрава фискална политика, потенцира Ставрески.
 
Во делот на јавните финансии ќе се подобри квалитетот. Се планира капиталните расходи, од сегашното учество, 11,9 отсто, да достигнат 15, 4 проценти за сметка на тековните расходи.
 
– Не планираме вкупните расходи на буџетот да се зголемуват, туку да се намалат од 37 на 34 отсто. Намалување предвидуваме и на тековните расходи, од 88 на 84 отсто. Во делот на јавниот долг ќе има умерено зголемување во однос на капиталните инвестиции во инфраструктурата, здравството, образованието и енергетиката со тоа што државниот долг нема да надмине 25 проценти, рече министерот.
 
Претпристапната економска програма 2011-2013, освен макроекономските движења и оствареното во последната година, детално ги елаборира и предвидените структурни реформи чија цел е, напомена вицепремиерот и министер за финансии, македонската економија да стане функционално-пазарна во целост, поконкурентна и подготвена за предизвиците по зачленувањето на земјата во ЕУ.
 
Во фокусот ќе бидат имплементирањето на стратегиите и програмите за индустриска политика, извозна промоција, кластерско здружување, енергетика, поттикнување инвестиции, искористување на обновливите извори енергија,…, подобрувањето на законската регулатива за стабилен и конкурентен финансиски сектор, како и реформите во образованието и пазарот на труд, во земјоделството и во јавната администрација.
 
Во документот, меѓу другото, се посочува и дека Македонија минатата година беше меѓу поуспешните земји во Европа во однос на справувањето со последиците од економската криза. Состојбата на пазарот на труд е релативно поволна зашто од една страна, како што нагласи министерот, стапката на невработеност е повисока во однос на други земји, но од друга, во двете кризни години не се зглеми. Евидентно е и намалување на невработеноста која заклучно со третиот квартал од 2010. изнесува 31,7 отсто. Се сочува социјалната стабилност во земјата.
 
ПЕП се обновува секоја година за следните три и се презентира во Брисел. Најновата, 2011 – 2013, ќе биде претставена во седиштето на ЕУ во мај годинава од министерот Ставрески и гувернерот на Народната банка Петар Гошев.
 
Одговорајќи на новинарски прашања, Ставрески нагласи дека евентуалното одржување предвремени избори нема да се одрази врз реализацијата на Претпристапната економска програма.(МИА)