7 февруари 2020, Скопје – Република Северна Македонија станува една од првите земји во светот, каде целото население добива можност за електронски идентитет. Денеска во Владата на Република Северна Македонија беше потпишан меморандум за разбирање со „Мастеркард“, од страна на министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, министерката за финансии Нина Ангеловска и менаџерот на „Мастеркард“ за Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Косово, Вања Манова. На потпишувањето присуствуваше и Чарлс Волтон, заменик претседател на „Мастеркард“ за дигитален идентитет.
– Во пракса, ова значи дека преку вашиот мобилен уред со отворање на апликација, најпрво го скенирате вашиот личен документ, лична карта или пасош. На тој начин, податоците се проверуваат и камерата на мобилниот уред се вклучува и врши проверка дека станува збор за физичко лице. По овој чекор се врши проверка со сликата во личниот документ и уредот ве идентификува. Ова значи дека повеќе нема потреба да користите усб, токен, документи во хартија, физичко присуство за институцијата да ве идентификува – рече министерот за информатичко општество и администрација Манчевски.
Министерот Манчевски посочи дека со меморандумот за корисниците на порталот е-услуги се предвидени 5 бесплатни потпишувања за првите 150.000 корисници на е-владини услуги во текот на првите 12 месеци по официјалното отпочнување на акцискиот план. За реализација на ова Мастеркард одвојува 3 милиони евра.
Во некои земји, дигиталниот идентитет е целосно консолидиран и има примена во секојдневниот живот со крајна цел олеснување на сите постапки, рече министерката за финанснии Ангеловска.
– На пример им овозможува на своите граѓани да гласаат, да купуваат билети за јавен превоз, да шифрираат е-пошта, да го обноват пасошот, да пристапуваат до нивните медицински досиеја, да потпишат документи и да изведуваат скоро било кој вид административно управување преку Интернет, каде било и во секое време, и дозволувајќи им на корисниците да поседуваат свои податоци – рече Ангеловска и посочи дека најрепрезентативен пример е Естонија, која од 2002 година го вовела системот за дигитална идентификација, заснована врз националниот регистар и националниот документ за дигитален идентитет, преку кој сите услуги се дигитализирани, единствено дигитално не можете да се венчате, разведете и купите имот.
Министерката за финансии рече дека денешниот меморандум со Мастеркард го гледа во насока на приближување на државата кон Дигиталната трансформација што ја поддржува оваа Влада, и што е клучна за промоција на економскиот раст, подобрување на бизнис околината, зголемување на ефикасноста на јавните услуги, намалување на административните оптоварувања за граѓаните и бизнисите.
-Почнувајќи од земјава, имаме можност да изградиме хаб за дигитална иновација, со воведување на услуги поврзани со дигитален идентитет и доверливи услуги кои се прифатени на локално, регионално и глобално ниво. Планираме брзо да се движиме и да ја претвориме таквата иднина во реалност во 2020 година. И тоа ќе го направиме на правилниот начин, на начин со кој се обезбедува дека луѓето имаат ефектен и доверлив начин на интеракција со дигиталните служби, при што корисникот има контрола врз своите податоци со сигурност, приватност и доверба. Сметаме дека почетните услуги ќе бидат едноставни, како, на пример, подобрување на процесот на верификација на вашиот идентитет при отворање на дигитална или онлајн сметка во банка. Или, верификација на вашиот идентитет заради купување нова „припејд“ или „постпејд“ сим-картичка, или, пак, заради интеракција со е-Владата – рече Чарлс Волтон, заменик претседател на „Мастеркард“ за дигитален идентитет.
Меморандумот не значи ексклузивитет на Мастеркард, туку напротив со меморандумот се воспоставува нова технологија за препознавање на граѓаните, што налага имплементација на слична технологија и кај другите издавачи на електронски сертификати, а со цел да се подобри дигиталната култура помеѓу граѓаните, институциите и бизнисите. Со потпишување на овој меморандум означуваме почеток на низа активности кои ќе треба да се спроведат од страната на Мастеркард и администрацијата.