Во НАТО и во ЕУ ќе влеземе како Македонци со македонски јазик и македонска писменост и култура. Тоа е црвената линија под која нема да правиме отстапки. Сите што ветуваат лесни решенија преку ноќ, јавно нека им кажат на граѓаните каде е нивната црвена линија.

 

Историјата на нашата земја е полна со големи настани, битки за подобро утре, битки за визија за нашата Македонија, за нејзината иднина. В недела, нашиот народ ќе извојува уште една битка, а нашата земја ќе направи уште еден голем чекор напред. В недела ќе победи чесноста пред нечесноста, работливоста пред неработливоста, храброста врз малодушноста – победа на проектите со конкретни резултати над сејачите на транзициската магла. Тоа ќе биде победа на тие што имаат доблест да се соочат со одговорноста, да им погледнат в очи на граѓаните и да дадат отчет за тоа што го сработиле во изминатите 20 месеци, но и програма за следните четири години.Воопшто не се сомневаме дека граѓаните знаат да го оценат сработеното. Исто, како што го оцени и Светската банка рангирајќи ја Македонија на четвртото место на најголеми реформатори, исто како што го оцени и Европската комисија во Стратегијата за проширување 2007-2008, забележувајќи дека „економијата на Македонија оствари забележително забрзување на растот“. Сето тоа ни дава поттик за продолжување на реформите. Во периодот од 2008 до 2012 година, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на пет стратешки приоритети. Сите пет се еднакво значајни, меѓусебно поврзани и со голема синергиска моќ.Првиот приоритет е зголемување на економскиот раст и конкурентноста на трајна основа, повисока стапка на вработеност, пораст на животниот стандард и квалитетот на живеење. Силната економија е основа за се’. Основа за создавање работни места. Основа за подобар животен стандард за да може луѓето да имаат достоинствен живот и со оптимизам да гледаат на иднината. Основа за повеќе средства за земјоделството, модерна инфраструктура, квалитетно образование, достапни здравствени услуги, сигурна мрежа на социјална заштита, нови културни објекти, повеќе средства за безбедност и сигурност на граѓаните. Затоа, продолжуваме со подобрување на амбиентот за работа на приватниот сектор: неоданочување на реинвестираната добивка, најниски рамни даноци во Европа од 10 отсто, но и нови мерки како што се пониски придонеси за една третина и нови 50 реформски мерки за натамошно подобрување на бизнис-климата. Тоа ќе овозможи да се зголемат домашните и странските инвестиции, пораст на производството и извозот и создавање нови работни места. Нашата цел е стапката на невработеност во периодот од 2008 до 2012 да се преполови, односно да не биде повисока од 17 отсто. Во енергетиката ќе се реализираат неколку крупни проекти: Чебрен и Галиште, Бошков Мост, гасификација на Македонија. Патната инфраструктура ќе се модернизира со 120 милиони евра за изградба и реконструкција на регионални и локални патишта. Обезбедивме во минатите две години 90 милиони евра за земјоделството. Ќе продолжиме со силна поддршка на земјоделците со нови 460 милиони евра субвенции, неколку откупни центри итн.

Вториот приоритет е интеграција на Република Македонија во НАТО и во ЕУ. Нашата иднина е во НАТО и ЕУ. Членството во ЕУ и НАТО е врвен приоритет за ВМРО-ДПМНЕ и за Република Македонија. Ги завршивме сите неопходни реформи и ги исполнивме сите услови што ни беа поставени за влез во НАТО. Работиме напорно и посветено на сите реформи кои се неопходни за да добиеме датум за преговори со ЕУ до крајот на 2008 година. Од 2009 македонските граѓани слободно ќе можат да патуваат во Европа без шенген визи, бидејќи веќе исполнивме четири од петте услови за да се донесе таква одлука, а последниот ќе го исполниме најдоцна до септември годинава. Ќе продолжиме да го решаваме спорот наметнат од Грција околу името, но со јасно дефинирани позиции: нема да го промениме Уставот за да се промени уставното име, ниту ќе прифатиме решение кое го загрозува македонскиот национален идентитет. Нема да дозволиме ниеден политичар, владата или парламентот самостојно да прифатат решение за спорот без за тоа да се изјаснат граѓаните на референдум. Во НАТО и ЕУ ќе влеземе како Македонци со македонски јазик и македонска писменост и култура. Тоа е црвената линија под која нема да правиме отстапки. Сите што ветуваат лесни решенија преку ноќ, нека излезат јавно да им кажат на граѓаните каде е нивната црвена линија. Или можеби ја нема?Третиот приоритет е продолжување на борбата против криминалот и корупцијата и ефикасно спроведување на правото. Криминалот и корупцијата 15 години беа рак рана на македонското општество. Нивното толерирање и потхранување од СДСМ, создадоа искривена слика на вредности: криминалците беа нарекувани успешни, се снашле во транзицијата. Владата на ВМРО-ДПМНЕ за првпат во Македонија спроведува политика на нулта толеранција за корупцијата, бескомпромисна борба во која никој не е поштеден. Отворивме судски процеси за Бачило 1 и 2, каде СДСМ не гледаше криминал, за корумпирани државни службеници, директори, градоначалници, го средивме хаосот во царината и на патарините, спречивме десетици случаи на шверц со луѓе и дрога. Македонија мора да се справи со корупцијата и криминалот, за да има подобра економија, за да влезе во ЕУ и НАТО, за граѓаните да чувствуваат дека живеат во држава во која се почитува законот. Затоа, продолжуваме бескомпромисно.Четвртиот приоритет е одржување добри меѓуетнички односи и соживот врз принципите на меѓусебна толеранција и почит, и подеднакво спроведување на законот, како и довршување на имплементацијата на Охридскиот договор,ВМРО-ДПМНЕ знае дека долгорочно одржлив економски развој не е можен без висок степен на национална и меѓуетничка кохезија. Македонија е држава на сите етнички заедници што живеат во неа. Доследно го имплементираме Охридскиот договор преку подобрување на правичната застапеност на етничките заедници во јавниот сектор и реализација на процесот на децентрализација на власта. Донесовме нов Закон за државните празници, кој за првпат води сметка за етничката и религиозна разноликост. Јавните инвестиции се правично застапени во сите делови на земјата со цел сите граѓани да ги уживаат плодовите на развојот. Петтиот приоритет е инвестирање во образованието како најсигурен пат за создавање силни индивидуи и силна држава. Во современата економија знаењето е најзначајниот ресурс. Денешните економии се економии движени од знаење, иновации. Знаењето е сила, моќ која создава богатство. Вложувањето во образованието на нашите деца е инвестиција во нашата иднина и во иднината на Македонија. Затоа ги зголемивме буџетските средства за образованието од 3,3 отсто од БДП во 2006 година на 5,9 отсто во 2008 година што е над нивото во ЕУ. Воведовме два странски јазика во основното образование и ги опремуваме училиштата со компјутери за секое дете во основното и во високото образование. Отворивме нов државен универзитет во источна Македонија за да се овозможи развој на тој дел од државата, повеќе млади луѓе да завршат високо образование. Во учебната 2007/2008 година стапката на средношколци што се запишаа на факултет е зголемена на 61 отсто споредено со 42 отсто во 2005/2006 година. Продолжуваме со инвестирањето во образованието свесни дека тоа е долгорочна инвестиција. Се предвидува отворање нов универзитет за информатичка технологија, изградба на 100 нови училишта, спортски сали, бесплатен интернет, обновување на опремата итн. Она што го сееме во образованието сега, ќе ги дава плодовите на економскиот просперитет по 5-10-20 години. Македонија знае за што ќе гласа на овие избори. Ќе гласа за подобра економија, повеќе пари за земјоделците, повисоки плати и пензии, компјутери во училиштата. Ќе гласа за Македонија достоинствено да влезе во ЕУ и во НАТО затоа што ние сме Македонци и Европејци.

Зоран Ставрески

Comments are closed.