Скопје, 5 ноември 2015 (МИА) – Стручни тимови на Управата за имотно-правни работи, денес на средби со претставници на компании кои пријавиле проблеми од имотно-правна природа, укажуваат на можностите за нивно надминување и ги насочуваат за следните чекори зависно од проблематиката. Со средбите практично почна да се реализира акцијата на Управата и на Министерството за финансии „Притисни црвено копче за да пријавиш имотно-правен проблем“.

Фирми и граѓани кои се соочуваат со проблеми во оваа област, а не се пријавиле на досегашните повици од надлежната институција, имаат можност да се вклучат во акцијата и да добијат помош за решавање на проблемите.

Правните лица што се обраќаат до Управата, покрај решавање проблеми со приватизација на земјиште, се обраќаат и за останати прашања поврзани со оваа постапка, како што е легализација на објекти и катастарски разлики за парцели, при што, пак, добиваат насоки и совети да се обратат во катастарот.

За тековната акција граѓаните може да се информираат на линкот https://www.finance.gov.mk/mk/node/5351.

Директорот на Управата за имотно-правни работи Зоран Крстановски, по средбите со претставници на компаниите, истакна дека акцијата „Притисни црвено копче“ е уште во тек и оти до оваа институција може да се пријават сите физички и правни лица и покрај тоа што не се пријавиле на последниот повик за оваа намена, што траеше од 1-ви до 10-ти минатиот месец.

Досега 205 компании, како што информира Крстановски, се пријавиле во Управата со барање за надминување имотно-правен проблем. Целосно се завршени постапките за 88, за 46 делумно, а во постапка се уште 20 барања. Делумно завршените, појасни Крстановски, се ситуации кога нема детален урбанистички план, што е причина да не може целосно да се заврши предметот, но во таква ситуација е приватизирано земјиштето под објектот бидејќи пости Генерален урбанистички план.

– Ова е можност за сите компании коишто имаат проблеми од имотно-правен карактер, коишто долго време се обидувале да ги разрешат, и не мора да значи дека се директно поврзани со прашање за приватизација на земјиште, туку може да се поврзани и со денационализација, легализација. Сите кои ќе се обратат ќе бидат повикани кај нас, ќе добијат соодветна стручна помош и ќе бидат упатени во соодветна постапка и понатаму во најкраток можен рок ќе си ги реализираат своите права, поточно ќе го стекнат правото на земјиштето, рече Крстановски.

Според Крстановски, проблемите од имотно-правен карактер за коишто сега се обраќаат граѓаните и фирмите се решавани долго време од повеќе причини.

– Пред сè, се работи за големи површини земјиште што е предмет на приватизација од страна на компаниите. Станува збор и за правни лица коишто се правни следбеници на поранешни правни лица и тука веќе е потребно да се испита целата историја на движење, односно да се утврди легитимитетот на оној кој е барател во постапката. Во постапката за приватизација понекогаш се појавуваат и повеќе прашања коишто прво треба да се расчистат пред да се пристапи на она што е главно, односно барањето за приватизација, појасни Крстановски.

Акцијата на Управата за имотно-правни работи се реализира во соработка со стопанските комори од каде што оценуваат дека со ваквите активности се излегува во пресрет на барањата на стопанствениците

– Оваа иницијатива значеше решавање голем број случаи во компаниите што се членки пред сè на стопанските комори и Сојузот на стопански комори. Задоволството на компаниите беше евидентно бидејќи на дел од нив им беше потребен одреден чекор или насочување за да се финализира и да се реши одредена проблематика што се провлекувала одреден период во рамки на нивното работење, изјави Александар Заревски, оперативен директор на Сојузот на стопанските комори.

Освен оваа акција, Управата за имотно-правни работи активно спроведуваше повеќе акции за поддршка на бизнис и граѓанскиот сектор меѓу кои и проектот „Посета на 40 компании“. Во 2012 и 2013 година Управата објавуваше јавни повици преку кои апелираше да се пријават проблеми од имотно-правен карактер.

Comments are closed.