9 јули 2019, Скопје – Целосно се завршени сите градежни работи финансирани преку ИПА грантот за рурална инфраструктура, во рамки на Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии. Станува збор за 133 капитални проекти реализирани во 78 општини во земјава, со што ќе се подобри квалитетот на живот во руралните средини и воедно ќе се решат низа инфраструктурни проблеми.
Вкупната вредност на овие проекти изнесува 16,9 милиони евра, од кои 12,7 милиони евра се грант, неповратни средства од Европската унија, додека 4,2 милиона евра се обезбедени од Буџетот.
Најголем број од реализираните проекти се однесуваат на изградба и реконструкција на локални патишта, за кои во 58 општини инвестирани се 12,4 милиони евра. Во изградба на јавни објекти инвестирани се 5,9 милиони евра, во комунална инфраструктура 3,8 милиони евра итн.
Голем дел од овие проекти се веќе ставени во употреба, додека дел од нив наскоро официјално ќе се пуштат во употреба. На пример, денес во општина Петровец официјално ќе биде пуштен во употреба нов локален пат како и две реконструирани улици во вредност од 260.000 евра.
Инаку, грант средствата за развој на руралната инфраструктура се обезбедени од Европската унија на барање на Владата, а истите се администрирани преку Проектот за подобрување на општинските услуги, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка.