4 декември 2018, Скопје – Нето-задолжувањето по основ на државни хартии од вредност се намалува за 10,6 милиони денари (173.000 евра). Имено, на аукцијата на државни хартии од вредност запишани се 1,3 милијарди денари (21,13 милиони евра), од кои ќе се вратат 1,310 милијарди денари (21,30 милиони евра) по основ на порано издадени и доспеани за отплата државни хартии од вредност. На 01.12.2018 година се отплатија 600 милиони денари и утре достасуваат за отплата 710,16 милиони денари.
На аукцијата беа запишани 6-месечни државни записи со девизна клаузула во износ од 249,5 милиони денари со камата од 0,30%, 12-месечни државни записи без девизна клаузула во износ од 550 милиони денари со камата од 0,90%, 2-годишни државни обврзници со девизна клаузула во износ од 300 милиони денари со камата од 0,90% и 3-годишни државни обврзници без девизна клаузула (Re-opening) во износ од 200 милиони денари со камата од 1,50%.
Од друга страна, претходно издадените државни хартии од вредност кои се отплатија на 01.12.2018 година се 2-годишни државни обврзници со девизна клаузула во износ од 600 милиони денари со камата од 2,70%, а утре се отплаќаат 12-месечни државни записи без девизна клаузула во износ од 561,8 милијарди денари со камата од 1,85% и 5-годишни државни обврзници со девизна клаузула во износ од 148,4 милиони денари со камата од 4,60%.
Во текот на месец декември по основ на претходно издадени државни хартии од вредност доспеваат за исплата 3,2 милијарди денари или 52,4 милиони евра.