Скопје, 20 февруари 2013 (МИА) – Општина Кисела Вода, со поддршка од централната власт, го реши долгогодишниот проблем со фекална канализација за 40.000 жители на Драчево. Денеска во употреба беше пуштена препумпната станица за одведување фекални отпадни води со што се финализира проектот вреден 150 милиони денари.
Капиталниот проект за реализирање системско решение за одведување на фекалните отпадни води од селото, населбата Драчево и месноста Потстаница почна во 1982 година. Од 2009 до 2012 година во овој реон се изградија канализации на сервисни улици во вкупна должина од околу 5 километри, а се изгради и фекален колектор. Шеесет милиони денари се инвестирани во изградба на примарна, секундарна и терцијарна фекална канализација, а изградбата на препумпната станица чини 21,5 милиони денари. За реализацијата на проектот Општина Кисела Вода доби позајмица од 15 милиони денари од Владата на Република Македонија.
– Со заеднички напори на централната и локалната власт реализирано е едно ветување на граѓаните на Драчево, а тоа е изградба на Препумпна станица и целокупната фекална канализациска мрежа, со што е решен проблемот за 40.000 жители, проблем кој е децениски, датира од 1982 година и задоволство е да се види дека се реализира и дека во услови на економска криза, сепак, се изнајдоа средства и од Општината и од Буџетот, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на пуштањето во употреба на Препумпната станица.
Тој смета дека со проектот се создаваат услови за заштита на животната средина и подобар живот на граѓаните и најави дека ќе се продолжи со реализација на проекти што се во интерес на граѓаните.
Градоначалникот на општина Кисела Вода Марјан Ѓорчев рече дека целата оваа инвестиција немаше да има крај ако Владата не донесеше одлука да позајми на општина Кисела Вода, која не е богата, но со поддршка од Владата успеа да го рализира овој проект.
На пуштањето во употреба на препумпната станица присуствуваа и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски