Прудентните макроекономски политики кои ги спроведуваше Македонија и помогнаа на земјата да ја надмине кризата подобро од најголем број останати земји. Намалувањето на БДП во 2009 година и буџетскиот дефицит беа скромни, а на скромно ниво беа и јавниот и надворешниот долг, оцени денеска постојаниот претставник на Светската банка во Македонија, Маркус Репник.
 
Toj смета дека Македонија постигна одлични макроекономски резултати и не очекува дека ќе се отстапи од проектираниот дефицит за годинава.
 
– Буџетскиот дефицит е еден од четирите елементи од макроекономската рамка заедно со економскиот раст и со нискиот јавен и надворешен долг. Живееме во време на една голема економска несигурност, а Македонија не е сама во оваа ситуација. Сите земји се соочуваат со предизвиците и треба да се прилагодат на новонастанатата состојба. Имајќи ги предвид одличните макроекономски резултати во Македонија воопшто не се сомневам дека овој тренд ќе продолжи натаму, истакна Реплик.
 
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески нема да има отстапување од планираниот буџетски дефицит за годинава.
 
– Владата и досега покажа дека одговорно и дициплинирано се однесува кога станува збор за почитување на буџетската дисциплина и реализацијата на таргетираниот дефицит. Со оглед дека очекувањата за втората половина од годината ќе има подобри услови за економската активност ќе го испочитуваме она што сме го предвиделе и она што е зацртано во нашата долгорочна програма во однос на буџетот и во однос на нивото на јавниот долг. Значи ќе го исполниме таргетот за 2,5 проценти буџетски дефицит, потенцира Ставрески.
 
Излегувањето од рецесија, рече тој, не значи дека истиот ден кризата завршува. Значи само дека се подобруваат изгледите во иднина да се оствари позитивен раст и постепено економијата да закрепне.
 
– Ќе има периоди и месеци кога производството можеби ќе има негативни стапки како што имаше во февруари, меѓутоа ќе има се повеќе периоди и месеци кога производството ќе има позитивни стапки и во целина тоа ќе не одведе во помирни води во насока на остварување на проектираниот раст од два проценти за оваа година и веројатно приближно три до четири проценти следната година, смета Ставрески.
 
Според него, вчерашното намалување на каматните стапки на благајничните записи, позитивно ќе влијае на стопанството и економијата.
 
– Верувам дека намалувањето на каматната стапка од страна на Централната банка е одраз на подобрената состојба во надворешниот сектор, на подобреното ниво на девизните резерви и на подобрите показатели на економијата во целина и ќе придонесе во насока на вкупните напори да дојде до намалување на каматните стапки на кредитите што е клучно за подобрување на ликвидноста на македонското стопанство, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.(МИА)