Скопје, 25 јули 2013 (МИА) – Со германска финансиска поддршка од 35 милиони евра ќе се реализираат два енергетски проекта на АД Електрани на Македонија. За доизградба на Паркот на ветерни електрани (ПВЕ) „Богданци“ ќе бидат искористени 15 милиони евра, а останатите 20 за реализација на проектот за ревитализација на ХЕЦ „Шпиље 2“.

 

Тоа го овозможи денешното потпишување на Спогодбата меѓу владите на Република Македонија и на Сојузна Република Германија за финансирање на Програмата за енергетска ефикасност и обновливи енергии фаза III од страна на вицепремеирот и министер за финансии Зоран Ставрески и германската амбасадорка Гудрун Штаинакер, како и договорот за заем меѓу германската КфВ банка и АД ЕЛЕМ.

 

Заемот во износ од 35 милиони евра е со рок на отплата од 12 години со грејс период од три години и фиксна каматна стaпка од 2,5 проценти.

 

– Со денешното потпишување на Спогодбата се обезбедуваат финансиски средства потребни за реализација на заначајни проекти во делот на обновливите извори на енергија (ОИЕ) со кои ќе успееме да се приближиме кон целта, 20 проценти од македонското производство на електрична енергија да биде од ОИЕ заклучно со 2020 година, рече вицепремиерот и министер за финансии Ставрески по потпишувањето на спогодбата. Тој истакна дека со 15-те милиони евра неменети за ПВЕ „Богданци“ целосно ќе се заокружи финансиската конструкција за негова реализација, а со 20-те милиони евре ќе се зголеми моќноста и производството на ХЕЦ Шпилје 2.

 

– Претходно од КфВ банката обезбедивме финансиски средства за реализација на ПВЕ „Богданци“ со што заедно со овие 15 милиони евра вкупната поддршка ќе биде 48 милиони евра, а 7,5 милиони ќе бидат сопствено учество на ЕЛЕМ што ќе ја обезбеди вкупната финансиска конструкција од 55,5 милиони евра за завршување на проектот кој очекуваме да биде комплетиран до крајот на годинава, рече Ставрески.

 

Тој посочи дека Македонија и претходно имаше извонредна соработка со КфВ банката и со СР Германија во делот на поддршка на производството на електрична енергија од ОИЕ со поддршката за ревитализација на шесте хидроелектрани, но и во останатите проекти како што се наводнувањето на јужниот дел на долината на Вардар изградбата на водоводи и канализации во општините,…. Германската амбасадорка Штајнакер рече дека се надева оти со реализацијата на двата проекти нема да престане соработката меѓу Македонија и Германија.

 

– Сметам дека овие два проекта на ЕЛЕМ ќе бидат само почеток на понатамошната соработка во областа на енергетиката меѓу двете земји, рече Штаинакер.

 

Претставничката на КфВ банката за Македонија Естер Гравенбихтер рече дека во изминатиот период преку банката во Македонија се инвестирани 270 милиони евра. – Би сакале да ја поддржиме Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија и кон производство на електрична енергија без емисија на стакленички гасови. Со изградбата на ПВЕ „Богданци“ за помалку од две години Македонија ќе може да снабдува повеќе од 20.000 семејство со чиста енергија произведена од ветер, рече Гравенбихтер.

 

Директорот на АД ЕЛЕМ Дејан Бошковски рече дека денеска се потврдува финасиската рамка за изградбата на ПВЕ „Богданци“, првиот капацитет за производство на електрична енергија од ветер во Македонија.

 

– Овој проект вреден 55,5 милиони евра се очекува да има годишно производство од околу 100 гигават часови електрична енергија што на годишно ниво е доволно за снабдување на домаќинства на околу 60.000 граѓани на Република Македонија, а истовремено ќе го зголеми и капацитетот на инсталирана снага на АД ЕЛЕМ за 36,8 мегавати, рече Бошковски.

 

Тој истакна дека производителот Сименс од Данска веќе ја почна испораката на ветерниците.

 

– Во моментов тие се наоѓаат во Солун, а според воспоставената динамика нивната монтажа на терен се очекува да почне кон крајот на идниот месец. Ако се оди според предвиденото на крајот на годинава очекуваме ветерниот парк да биде вклучен во елетро-енергетскиот систем на Македонија, рече Бошковски.

 

Нагласи дека со зголемувањето на инсталираната моќ на ХЕЦ Шпилје за 70 мегавати ќе се зголеми и производството на електрична енергија од ОИЕ.

 

Во изминатата година АД „Електрани на Македонија“ ги заврши сите потребни меѓународни тендерски постапки за избор на опрема и изведувачи на проектот ПВЕ „Богданци“, од изградба на потребната инфраструктура, до изведувач на изградбата на ветерните електрани. Компанијата потпиша договор со Сиеменс Винд од Данска во конзорциум со грчки Сиеменс АС за испорака, транспорт, монтажа, пуштање во работа и одржување на шеснаесет турбини на ветер за ПВЕ „Богданци“.

 

Во моментов, веќе се работи на изведбата на потребната инфаструктура и придружни објекти за ветропаркот преку договор со конзорциумот „Терна Сименс“ за изведба на патна инфраструктура, приклучен далекувод, командна зграда и 20/110 киловолтна трафостаница.

 

Comments are closed.