(Интервју за Нова Македонија)

Голем успех е во ваква тешка година да се обезбеди исплатата на социјалните примања, пензиите да не задоцнат ниту еден ден, како и да се обезбедат доволно средства за реализација на амбициозната програма за јавни инвестиции

Во јавноста се пласираат многу шпекулации и невистини, за да се создадат конфузија и впечаток дека буџетот се полни од казни. Одговорно тврдам дека тоа се политички пласирани невистини, вели Зоран Ставрески, министер за финансии и вицепремиер, кој во интервјуто за „Нова Македонија“ зборува и за повеќе битни прашања од областа за која е задолжен.

Народната банка на Македонија конечно реши да ги намали каматите на благајничките записи за 0,5 отсто. Доволно ли е ова намалување и дали сметате дека комерцијалните банки ќе одговорат со намалување на каматите на кредитите?

– Закрепнувањето на македонското стопанство бара повеќе кредити и пониски каматни стапки. Чекорот што го направи Народна банка секако е позитивен, но треба да биде само прв од низата во приспособувањето на монетарната политика на ситуацијата и потребите во реалниот сектор. Во согласност со перспективите на македонската економија во 2010 година, за кои и Централната банка прогнозира дека ќе бидат многу подобри, убеден сум дека ќе има можност набргу да се излезе со поголемо намалување на каматната стапка.    Тоа би соодветствувало на проекциите на Владата, НБРМ и ММФ за закрепнување на економијата во 2010 година со предвиден пораст на БДП од 2 отсто. Олабавувањето на монетарната политика е овозможено и преку континуираниот петмесечен тренд на пораст на девизните резерви. Тие се веќе на ниво од 1.580 милиони евра, или за 80 милиони евра повисоки од декември 2008 година. Во однос на реакцијата на банките, дел од нив веќе најави намалување на каматите, иако тоа засега ќе биде скромно. Фактори што влијаат на износот на кредитите и нивото на каматните стапки се политичкиот и економски ризик на земјата, како и оптималноста на фискалната политика и секако степенот на рестриктивност на монетарната политика. Факт е дека ризикот на земјата е намален и дека фискалната политика во 2009 и 2010 е добро одмерена за вакви услови на криза. Тоа неодамна го потврди ММФ, кој кажа дека фискалните таргети од 2,8 отсто за 2009 и 2,5 отсто за 2010 година се соодветни за поддршка на економската активност и инвестициите, но и „Стандард и Пурс“, најреномираната рејтинг-агенција во светот, која го оцени рејтингот на Република Македонија како стабилен, со позитивни изгледи за иднината.

Преовладува мислењето дека непотребно се одолжи поделбата на кредитната линија од 100 милиони евра што Владата ја обезбеди од Европската инвестициска банка. Дали проблемот беше во слабата екипираност на МБПР или во комерцијалните банки и со какво темпо се делат овие кредити?

– Кредитната линија од 100 милиони евра за помош на малите и на средните претпријатија е најголемата досега наменета за овој сектор. Таа е речиси еднаква на збирот на сите кредитни линии обезбедени од државата за стопанството во изминатите десет години. Воедно, кредитната линија е обезбедена за многу краток период. Преговорите со ЕИБ почнаа во март годинава, а договорот беше потпишан веќе во јуни. Според досегашното искуство, кредитните линии наменети за овој сектор биле преговарани и по една година. Досега се одобрени проекти во висина од околу 40 милиони евра, кои ќе бидат финансирани со 20 милиони евра кредитни средства и 19,3 милиони евра сопствени средства на инвеститорите. Од тие 20 милиони евра, 15 милиони се од кредитната линија на ЕИБ, а 5 милиони се средства на деловните банки. Верувам дека релативно брзо ќе бидат повлечени и другите средства, бидејќи е очигледно дека македонските фирми се „гладни“ за евтини кредити.

Според податоците на Министерството за финансии, заклучно со октомври на приходната страна на буџетот има околу 33,2 милијарди денари (539,9 милиони евра) помалку во однос на проекциите за оваа фискална година. Кои проекти од расходната страна на буџетот се одложија за наредната година, со оглед на тоа што е очигледно дека до крајот на декември Владата тешко дека ќе може да собере толкава сума пари?

– Податокот што го наведувате е различен од податоците на Министерството за финансии, веројатно се работи за несоодветна споредба. Во третиот квартал од 2009 година, вкупните буџетски приходи на основниот буџет се остварени со 97,3 отсто, значи се пониски од планираните само за 2,7 отсто или за 538 милиони денари. Според прелиминарните податоци, заклучно со ноември, вкупно остварените приходи на основниот буџет се околу 71,5 милијарда денари. Доколку на ова се додаде очекуваното остварување приходи во декември, вкупното отстапување на годишно ниво би било помало од 5 отсто, што во услови на ваква економска криза е сосема прифатливо остварување.

Истовремено, остварени се реални заштеди на расходната страна кај помалку продуктивните расходи. Така на пример, во делот на платите, се очекуваат заштеди од околу 800 милиони денари, што е резултат на строгата контрола на новите вработувања. Кај материјалните расходи, стоки и услуги, остваривме заштеди од над 3 милијарди денари, како резултат на ригорозни контроли на непродуктивните расходи за договорни услуги, службени патувања, мобилни и фиксни телефони, репрезентација и други расходи. Кај капиталните инвестиции очекувам подобра реализација во однос на претходните години. Во суштина, не е предвидено целосно одложување на некој значаен капитален проект. Но ќе има отстапувања како резултат на забавена динамика на набавката на опрема со доминантна увозна компонента, подолгиот временски период потребен за расчистување на имотно-правни односи (експропријација на земјиште), повторување тендерски постапки и слично. Сé на сé, голем успех е во ваква тешка година да се обезбеди исплатата на социјалните примања, пензиите да не задоцнат ни еден ден, како и да се обезбедат доволно средства за реализација на амбициозната програма за јавни инвестиции.

Владата до крајот на декември за капитални трошоци и инвестиции треба да потроши уште 144 милиони евра. На кои проекти?

– Средствата од буџетот се употребуваат за финансирање на сите капитални проекти што се предвидени во Програмата за работа на Владата за 2009 година.

Ќе има ли реалокација на парите за инвестиции во последен момент?

– Засега не е предвидено такво нешто.

Во Предлог-буџетот за 2010 година, Владата ја зголеми ставката неданочни приходи (глоби, судски и административни такси, такси и надоместоци, други владини услуги, други неданочни приходи) од 145,7 на 200,6 милиони евра. На што се базираат овие прогнози?

– Во јавноста се пласираат многу шпекулации и невистини, со цел да се создадат конфузија и впечаток дека буџетот се полни од казни. Одговорно тврдам дека тоа се политички пласирани невистини. Да ја расчистиме „маглата“, која свесно се креира. Прво, јавноста треба да знае дека во неданочните приходи влегуваат многу различни категории, меѓу кои и приходите на Агенцијата за патишта од такса при регистрација на возила и патарини (планирани се 1.890 милиони денари или на приближно исто ниво од лани), планираните средства од концесии за води, минерални суровини и земјоделско земјиште (950 милиони денари), дивидендата од телекомот (2.400 милиони денари), профитот од Народна банка, продажбата на дворното земјиште за едно евро по квадрат, наплатата на побарувања од санација на банките, каматата од депозити итн. Второ, да ги презентираме прецизно бројките: неданочните приходи за 2010 година се пониски во однос на 2009-та за 2.706 милиони денари, или за околу 15 отсто. Трето, во рамките на неданочните приходи, од административни такси се планирани околу 850 милиони денари, што е идентично со 2009 година. Четврто, и најважно, приходите од парични казни во 2009 година се планирани на ниво од само 526 милиони денари (а во 2010-та се предвидува исто ниво), а остварувањето заклучно со ноември е само 440 милиони денари. Ако тие 526 милиони денари, или 8,5 милиони евра, ги споредиме со вкупно 2,3 милијарди евра колку што се вкупните буџетски приходи, тоа значи дека приходите од казни изнесуваат занемарливи 0,3-0,4 отсто од вкупните буџетски приходи. Може ли по сите овие факти, некој со аргументи да ја одбрани тезата дека државната каса се полни од казни?

Конечно, да ја продискутираме темата и од друг аспект: активностите за редовна наплата на даноците и придонесите, за почитување на еколошките стандарди, за поголема безбедност во сообраќајот, почитување на правата на работниците итн. подразбираат соодветна контрола и казни на оние што не го почитуваат законот. Тие активности се составен дел на почитувањето на финансиската дисциплина. Составен дел на напорите да создадеме еколошки почиста држава, од борбата против сивата економија и нелојалната конкуренција, од елементарната определба работниците да можат да ги остварат своите права по основа на работен однос, здравствено и пензиско осигурување. А сите овие работи се составен дел на напорите за креирањето правна држава, како есенцијален контекст на европските вредности кон кои сите заеднички се стремиме.

Крак на рускиот гасовод „Јужен поток“ ќе минува низ Македонија?

Најавивте дека Русија ќе го отплати клириншкиот долг кон Македонија преку проекти за гасификација. Дали е вистина дека крак од рускиот гасовод „Јужен поток“ ќе поминува низ територијата на Македонија кон Албанија и Јужна Италија?

– Гасоводот е проект од стратегиско значење за Република Македонија. Неговата реализација е многу полесна, да не речам единствено можна, со силен стратегиски партнер, а Русија и „Газпром“ се секако таков партнер. Затоа сум многу задоволен што еден дваесетгодишен проблем на долгот на Русија кон Македонија, наследен од СФРЈ, се решава на ваков начин, преку инвестиција во овој капитален проект. Верувам дека со тоа ќе се отворат и вратите за интегрирање на Република Македонија во некој од постојните регионални гасоводи. Партнерството со Русија и „Газпром“ за изведбата на македонскиот гасовод е првиот чекор во таа насока. „Јужен поток“ е една од опциите и би било многу значајно еден крак на гасоводот да минува низѕ Македонија. Но сметам дека за Македонија е стратегиски уште позначајно да обезбеди пристап до уште една транснационална гасоводна мрежи, значи да имаме две алтернативи и поголема сигурност во снабдувањето. Има шанса да се случи тоа, но потребно е уште многу политички напор и лобирање, заедничко лобирање со соседните држави и пријателите од Европа. Владата работи на тоа.

 

 

Comments are closed.