Групацијата на Светска банка (www.worldbank.org) е една од светските водечки институции во борбата против сиромаштијата и подобрувањето на стандардите за живеење на луѓето во земјите во развој. Таа е развојна банка што обезбедува заеми, советодавна поддршка за политики, техничка помош и услуги насочени кон размена на знаењето.

Светска банка е една од специјализираните агенции на Обединетите нации, која има 189 земји-членки како акционери. Бројот на акции што може да ги има една земја се заснова приближно на големината на нејзината економија. Владите-акционери во Светска банка се застапувани од страна на Одборот на гувернери, како главен креатор на политиките, кој делегира специфични задачи на 25-те Извршни директори. Претседателот на банката претседава со состаноците на Одборот на директори и е задолжен за целокупното управување со банката.

Групацијата на Светска банка се состои од пет тесно поврзани институции:

  • Меѓународнатa банка за обнова и развој (IBRD) работи на намалување на сиромаштијата во земјите со среден доход и посиромашните земји, со поттикнување одржлив развој преку заеми, гаранции и аналитички услуги;
  • Меѓународното здружение за развој (IDA) ги финансира најсиромашните земји со цел намалување на сиромаштијата преку обезбедување бескаматни заеми и грантови според одредени критериуми на прифатливост;
  • Меѓународната финансиска корпорација (IFC), како најголем мултилатерален извор на заеми и финансирање со акционерски капитал за проекти за приватниот сектор во земјите во развој, го поттикнува одржливиот развој на приватниот сектор, главно преку финансирање проекти, помош за приватните компании да мобилизираат финансиски средства на меѓународниот финансиски пазар и обезбедување техничка помош за деловните активности и за владите;
  • Мултилатералната агенција за гаранција на инвестициите (MIGA) ги осигурува инвеститорите од политички или од некомерцијални ризици, посредува во спорови помеѓу инвеститорите и владите, дава совети на владите во врска со привлекувањето инвестиции;
  • Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови (ICSID) ги решава инвестициските спорови помеѓу странските инвеститори и нивните земји-домаќини.

Република Северна Македонија стана членка на Светската банка во 1993 година и е дел од Холандската конституенца. Мисијата на Светска банка во Република Северна Македонија се фокусира на поттикнување и поддршка за создавање нови работни места, како и на подобрување на стандардите за живеење преку спроведување и финансирање проекти, консултантски услуги и истражување во насока на градење капацитети, развој на човечки ресурси и инвестиции во инфраструктурата (www.worldbank.org.mk).

Досега, Светската банка се покажа како исклучително лојален и посветен партнер, кој даде особен придонес во реформирањето и модернизирањето на сите сегменти на македонската економија. Тековната помош од Светска банка се спроведува во согласност со приоритетите утврдени во Стратегијата за партнерство на Република Северна Македонија со Светска банка за периодот 2019-2023 година.

Согласно Стратегијата за партнерство на Република Северна Македонија со Светска банка, помошта од оваа меѓународна институција се фокусира на следново:

  • Извозно-ориентиран раст: Подобрување на животната средина за конкурентен приватен сектор
  • Инклузивен раст: Проширување на вештините и можностите за најранливите категории
  • Одржлив раст: Подобрување на одржливоста и градење на отпорност на шокови.

Иако најголем дел од помошта на Светска банка во Република Северна Македонија се состои од ИБРД-заеми, кои креираат обврска за нивно отплаќање, Светска банка преку своите одржливи проекти има значајна улога и во донаторската заедница во Република Северна Македонија.

Групацијата на Светска банка е присутна во Република Северна Македонија и преку услугите на IFC (www.ifc.org) и MIGA (www.miga.org).

Тековни проекти финансирани со заеми од страна на Светска банка во Република Северна Македонија

Comments are closed.