10 октомври 2019, Скопје – Германија е најзначaјниот трговски партнер на Република Сeвeрна Македонија. Само во првите седум месеци од годинава, земјата извезла во СР Германија стоки во вредност 1,8 милијарди евра, што е покачување за 22% во однос на лани, додека вкупната трговска размена пораснала за 18%. За 1,3 милијарди евра извезуваме повеќе стоки во Германија отколку што увезуваме, односно нашата земја остварува трговски суфицит. На првата официјална средба помеѓу министерката за финансии Нина Ангеловска и амбасадорот на СР Германија Томас Герберих беше нагласен растечкиот тренд на трговската соработка, како и континуираната поддршка што оваа пријателска земја ѝ ја дава на Република Северна Македонија, особено во нашата цел да станеме член на Европската Унија.
На средбата помеѓу министерката и амбасадорот се зборуваше и за билатералната соработка со Германија. Во рамки на билатералната соработка, Германија има инвестирано 368 милиони евра во нашата земја преку КфВ банка. Во рамки на оваа соработка реализирани се бројни проекти, а во моментот се имплементираат: втората фаза од Ветерeн парк Богданци, Топлификација на Битола и втората фаза од проектот Наводнување на јужната долина на реката Вардар.
Исто така, во рамки на соработката со КфВ банка во тек е подготовката на Проектот за реконструкција на студентските домови во земјава, за што е ангажиран и консултант кој направил структурна и енергетска анализа за реновирање на 9 студентски дома.
И од министерката за финансии Ангеловска и од амбасадорот Герберих беше истакнато дека соработката помеѓу двете земји ќе се продлабочува и во иднина, особено на економски план.