Скопје, 19 септември 2011 (МИА) – Вкупната макроекономска состојба се оценува како стабилна, македонската економија засега ги остварува предвидените економски резултати во оваа година, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески додека се одржуваше состанокот на Економскиот совет на Владата.

 

– На ниво на Економскиот совет се дискутираа и други прашања кои се однесуваат на приоритетите на Владата, поконретно главната точка беше изградбата на технолошко-индустриските развојни зони, односно динамиката на нивната реализација, подготвеноста, начинот да се забрзаат одредени активности во поглед на зоните бидејќи евидентно е дека има се повеќе инвеститори кои се заинтересирани за инвестирање во Република Македонија, рече Ставрески.

 

Тој посочи дека во сите градови треба да подготват слободни економски зони или индустриски зони со поддршка на општините во кои може да се реализраат таквите инвестиции бидејќи, како што рече, тоа носи работни места и економски раст.

 

Од останатите точки на Владата, истакна Ставрески, ќе бидат дискутирани состојбите во повеќе сегменти пред се во делот на реформите што се спроведуваат за подобрување на конкурентноста на економијата, реформите во другите сектори, пред се здравството и останатите сектори кои се релеватни за вкупните приоритети и исполнувањето на економската програма на Владата.

 

– Она што е најважно е дека со вакви чести средби, со фокусираност на сите економски министри и на претседателот на Владата, на економијата, ние во овој пост кризен период го враќаме акцентот на економијата, на економскиот раст, инвестициите, работните места, она што веруваме дека Република Македонија и Владата се способни да го реализираат во оваа и во следните години, потенцира Ставрески.

 

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека износот на странските инвестиции со сите бројки е двојно повисок отколку минатата година, за шесте месеци од годината.

 

– Вкупниот износ на странски инвестиции е над 150 милиони евра. Тоа е двојно повеќе отколку истиот период минатата година со се одливот и приливот. Значи успешни сме во реализацијата на тој таргет за привлекување на повеќе инвестиции, рече Ставрески. Тој посочи дека се тоа е постигнато во година во која се уште европската економија се соочува со ризици и во година во која сепак тие сметаат дека инвестициите ќе го достигнат она што го проектирале, а тоа е некаде над 300 милиони евра.

 

– Самиот факт што во оваа цифра не се влезени последните инвестиции кои се најавија, пет шест големи компании ја почнаа активноста во слободните економски зони, покажува дека и во следниот период од годината може да очекуваме зголемување на инвестициите, додаде Ставрески.

 

Comments are closed.