Скопје, 4 ноември 2011 (МИА) – Намалувањето на царините за предвидените стотина полупроивозводи, суровини и репроматеријали во земјоделството, прехранбената и машинската индустрија се во корист на стопанството, но и на најдобар начин ја одразуваат одличната соработка меѓу Владата и бизнис-заедницата, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по денешната средба со претставниците на стопанските комори.

 

– Врз основа на предлозите од трите стопански комори дојдовме до констатации каде може да се интервенира во царинската политика за да се подобри конкурентноста на македонското стопанство и за да им се помогне на домашните фирми со пониски царини и пониски трошоци на влез да произведуваат и извезуваат повеќе, истакна Ставрески.

 

Во однос на поединечните решенија, особено позитивно е прифатено намалувањето на царината на белиот шеќер од 30 на пет отсто.

 

– Освен ова, се намалуваат и царините за семенскиот материјал, спортските реквизити, мотокултиваторите, опремата и машините во металопреработувачката индсутрија и други тарифни ознаки кои помагаат во вакви времиња македонското стопанство да добие поддршка, потенцира вицепремиерот.

 

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески оцени дека ова е школски пример за соработка меѓу државата и деловниот сектор – Стопанството сугерираше, а Владата прифати предлози за поголема конкурентност на македонското производство.

 

– Овој исклучително значаен сет на мерки ќе придонесе за зголемување на продуктивноста на компаниите и за развој на малите и на средните претпријатија. Преземањето на фискалните промени особено во вакви услови, на економска криза, е голем поттик за економијата, напомена Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори.

 

За Блерим Златку од Стопанската комора на северозападна Македонија намалувањето на царините, освен јакнење на конкурентноста, ќе значи и можност за формирање нови претпријатија, а оттука и за отворање нови работни места.

 

На средбата е договорено во наредните четири до пет месеци да се напарават анализи и за другите сектори како хемиска и автомобилската индустрија, со цел нивно навремено имплементирање како пакет мерки пред истекот на тековната година.

 

Comments are closed.