Прилеп, 9 јуни 2011 (МИА) – Невработеноста може да се намали само со нови инвестиции и со подобрување на бизнис климата, како во Прилеп, така и во целата држава, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески за време на денешната посета на Прилеп, одговарајќи на новинарско прашање како ќе се намалува невработеноста.

 

Ставрески појасни дека во Прилеп ќе биде овозможено да се одобри формирање индустриска зона каде ќе може да се отвораат нови погони и каде се очекуваат, потенцира, стотици, ако не и повеќе илјади нови вработувања.

 

– Проектот Чебрен и Галиште ќе го реализираме онака како што е предвидено, еден од најкрупните проекти за овој регион со кој ќе се отворат околу 2000 работни места, и подобрување на инфраструктурата за да може Прилеп да биде поатрактивен за инвестиции и за да биде подобро поврзан со другите региони и со Скопје, при што да се реализира она што го навестивме – изградба на експресниот пат, рече Ставрески.

 

Според него, за почнување инвестициски циклус во државава, битно е формирањето индустриски зони во градовите.

 

– На ниво на држава, секако дека политиките што се водат во поглед на ниските даноци, на овозможување продажба на земјиштето за едно евро, во поглед на форсирање на индустриски зони во сите градови, се клучни да почне тој инвестициски циклус. Владата во наредниот период уште повеќе ќе ги поттикнува домашните инвеститори, истакна вицепремиерот и министер за финансии.

 

Тој смета дека во следниот период, Владата ќе даде голем акцент на домашните инвестиции.

 

– Паралелно на она што го правиме за да влезат странски инвестиции, уште повеќе ќе вложиме напори домашните инвеститори да почнат сериозен инвестициски циклус, нагласи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

 

Comments are closed.