Вашингтон, 19 април 2015 (МИА) – Од Светска банка има начелна поддршка на два проекта во Македонија – патот од Ранковце до Крива Паланка, а потоа и до границата со Бугарија, како и за гасификацијата во Република Македонија, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по средбите со претставници на Светска банка во Вашингтон, каде што учествува на пролетните средби на СБ и ММФ. 

– На состанокот со Светска банка разговаравме за конкретни проекти што ќе бидат во поддршка на економскиот раст и уште еднаш добивме уверување дека има прогрес во подготовката на два значајни проекта, за оваа година тие да бидат одобрени. Едниот е за септември, тоа е патот од Ранковце до Крива Паланка во првата фаза, а подоцна и втората фаза од Крива Паланка до бугарската граница. Очекуваме Бордот на Светска банка во септември да го одобри тој проект, посочи вицепремиерот Ставрески.
 
Додаде дека вториот проект за кој исто така имало начелна поддршка од Светска банка и Европската банка е за гасификацијата во Република Македонија.
 
 
Штом се заврши првиот дел што го работиме со клириншки долг, да продолжи гасификацијата и на тој начин да се заокружи целокупната гасификациска мрежа во Македонија со финансиска поддршка од Светска банка и ММФ, истакна Ставрески.

Тој потенцира дека пролетните средби на ММФ и Светска банка се можност за директни средби со раководствата на Светска банка и ММФ, како и можност да се добијат повеќе информации за состојбата во европската економија.

– Пораките што оваа година се пренесуваат се дека земјите треба да бидат фокусирани на потикнување на економскиот раст преку различни мерки. И оваа година може да се очекува дека цените на нафтата ќе останат на ниско ниво, може да се очекува дека стабилноста на цените ќе се задржи и она што треба да се направи во следниот период е да се види како Македонија во тие околности може да оствари повисок економски раст во однос на останатите земји, односно да го продолжи добриот тренд кој заеднички констатиравме со луѓето од Светска банка и ММФ дека е добар и дека Македонија има повисок економски раст од другите земји во регионот, потенцира вицепремиерот и министер за финансии.

Тоа, смета тој, главно се должи на работењето на компаниите и во слободните економски зони како и надвор од нив, заради добрата бизнис клима во земјата, како и на поддршката што преку буџетот и капиталните инвестиции во вид на инфраструктурни проекти се реализираше во изминативе две години.

– И двете работи ќе продолжат и во следниот период бидејќи имаме најава за дополнителни инвестиции. Сето тоа создава добри предуслови Македонија да го продолжи економскиот раст, да продолжи намалувањето на невработеноста и во тој дел да имаме повеќе инвестиции отколку што имаат останатите земји, рече Ставрески. 
 
На пролетните средби на Светска банка и ММФ покрај Ставрески присутен е и гувернерот на НБРМ Димитар Богов.
 
Тој истакна дека со оглед на тоа што македонската валута е врзана со еврото, како тоа се движи спрема доларот, така се движи и денарот спрема доларот.
 
– Нашата економија главно извезува во европската економија и од тој аспект не очекуваме никакви негативни импликации, напротив можни се одредени позитивни ефекти затоа што нашите производители ќе бидат поконкурентни на европскиот пазар во однос на производителите чии цени се изразени во долари. Исто така, во прилог ни оди и намалувањето на цената на нафтата, иако доларот зајакнува, намалувањето на цената на нафтата компензира за зајакнувањето на американската валута и засега ефектите врз нашата економија се позитивни, истакна Богов.
 
Додаде дека на средбите биле разменети мислења за ризиците во светската економија, и оти македонската економија е доста добро позиционирана да издржи шокови од кои било од  посочените ризици.
 
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на НБРМ Димитар Богов имаа средби со извршниот директор на Светска банка Френк Хемскерк, со регионалниот директор на Светска банка за Југоисточна Европа и Централна Азија Елен Голдштајн, со новиот извршен директор на ММФ Мено Снел, со новиот шеф на Мисијата на ММФ Џесмин Рахман, како и со Лора Так, потпретседател на Светска банка за Европа и Централна Азија и ИФЦ.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.