Охрид, 19 октомври 2012 (МИА) – Потврдата на кредитниот рејтинг на Македонија од страна на Фич за вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески е јасен сигнал до инвеститорите дека Република Македонија е стабилна земја со квалитетни економски политики и дека ќе овозможи на пазарот на капитал да имаме релативно подобри услови и пониски каматни стапки.
– Потврдата е значајна заради две работи. Прво, значи јасен сигнал до инвеститорите дека Република Македонија е стабилна земја со квалитетни економски политики и второ, значи дека нашите идни контакти со банките на пазарот на капитал ќе овозможат да бидат со релативно подобри услови и пониски каматни стапки, бидејќи ретки се земјите кои во вакво окружување во Европа им се потврдува кредитниот рејтинг од Фич или Стандард и пурс, рече министерот Ставрески, додавајќи дека во последните два месеца четири – пет земји од опкружувањето им беше намален кредитниот рејтинг и беа оценети како поризични.
Според него, за Македонија во вакви околности да се потврди кредитниот рејтинг и да се истакнат ниското ниво на задолженост, нискиот буџетски дефицит, квалитетните економски политики, стабилниот финански сектор и приливот на странски инвестиции како потенцијал за економскиот раст се констатации од една реномирана институција за оценка на рејтинг што Македонија ја позиционира многу подобро отколку многу земји од окружувањето.
Агенцијата Фич го потврди кредитниот рејтинг на Македонија ББ+.