Скопје, 17 октомври 2013 (МИА) – Владата е задоволна од потврдата на кредитниот рејтинг на Република Македонија од страна на Агенцијата „Фич“. Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ова е признание за економските политики на земјата и добар сигнал за странските инвеститори.
– Многу малку земји во овој економски амбиент имаат добиено потврда на кредитниот рејтинг и тоа е значајно заради тоа што се праќа силен сигнал кон странските инвеститори за тоа дека Рeпублика Македонија е земја во која, според оценката на меѓународните рејтинг агенции има макроекономска фискална стабилност и соодветни услови за инвестирање. Исто така, со оценката се праќа и сигнал до банкарските институции, инвестициските фондови и сите оние кои во иднина треба да учествуваат во купувањето на државните обврзници на РМ при евентуална емисија дека РМ е земја со здрави макроекономски индикатори и е различна од земјите во соседството кои имаат многу повисоко ниво на задолженот и многу пониски стапки на раст, рече на денешната прес-конференција вицепремиерот Ставрески.
Тој додаде дека рангирањето на „Фич“ се базира врз подобрените проекции за еконмскиот раст на земјата и умерените буџетски дефицити. Министерот посочи дека Фич констатирал дека македонската економија заздравува повеќе од очекувањата и дека растот за годинава се очекува да биде 2,7 проценти. Силна страна, спроед Фич, е и ниското ниво на задолженост кое е под 34 проценти од БДП.
Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ вчера ја потврди фискалната стабилност на Македонија и го задржа кредитниот рејтинг на земјата на стабилен „ББ+“. Министерот посочи дека во првите шест месеци од оваа година кредитниот рејтинг од меѓународните агенции е намален на Велика Британија, Холандија и Италија, а од регионот на Хрватска, Словенија, како и на Кипар.