Скопје, 23 март 2012 (МИА) – Растот на БДП од три проценти за минатата година, што вчера го објави Државниот завод за статистика, според вицепремиерот и министер за финанси Зоран Ставрески, е сосема солиден и задоволителен имајќи ги предвид случувањата во Европа.
– Статистиката објави пораст од три проценти за минатата година, кој спаѓа во 10-те најдобри во Европа. Порастот од три проценти е сосема задоволителен, имајќи ги предвид околностите во кои во последниот квартал практично кризата во Европа ја достигна својата кулминација, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето договор за вклучување на Македонија во проектот „Европа ре“.
Тој додаде дека економски остварениот резултат е сосема солиден и оти три проценти раст во таква година кога Европа се „тресеше“ и не беше јасно дали ќе има опстанок на ЕУ е сосема добар резултат.
Во врска со потврдата на рејтингот од страна на агенцијата „Фич“ министерот истакна дека тоа е потврда оти веруваат во перспективите на Македонија, но дека е и сигнал за домашните и странските инвеститори и за сите оние кои ја анализираат и набљудуваат Македонија како потенцијална членка на ЕУ.
– Ретко се случува во Европа во овие 12 месеци некоја земја да добие потврда на сопствениот рејтинг. Тоа што Фич го потврди рејтингот на Македонија и посебно контекстот во кој беше направено, а тоа е позитивната макроекономска стабилност и позитивното влијание на процесот на отворање на дијалогот на високо ниво со ЕУ, покажува дека рејтинг агенциите и Фич како една од трите најреномирани, веруваат во перспективите на Македонија и на политички и на економски план, изјави министерот Ставрески.
Во однос на порастот на цените на нафтените деривати и дали ќе се преземе некоја мерка од страна на Владата, министерот потенцира дека состојбата се следи и доколку дојде до некои влошувања не се исклучува можноста за разгледување на можностите и инструментите што ги има. Но, сепак, посочи, треба да бидеме реални дека се работи за светска берзанска цена која ги погаѓа сите стопанства.
– Нема европска земја која има донесено некоја мерка, биејќи цената на нафтата и нафтените деривати зависи од други подрачја на светот, а и САД кои можат да влијаат размислуваат што да прават. Ние во тој контекст сме мала земја која има ограничени можности и како и сите други земји во регионот ја следиме состојбата, изјави министерот.
Тој додаде дека загрижен е и Меѓународниот монетарен фонд за влијанието на цената на нафтата врз светското стопанство, така што верува оти е можна итервенција од големите сили да се стабилизираат движењата на цената на нафтата.
За проектот „Купи куќа, купи стан“, Ставрески потенцира дека проектот е во фаза кога од месец во месец има поголем интерес и оти во првите месеци нивните очекувања се исполнети, а се очекува многу поголем интерес во следните месеци. – Се работи за решавање крупно животно прашање кое бара подолго време, така што треба да бидеме трпеливи со овој проект кој ќе дојде во својата зрела фаза, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.