Пробиштип, 18 јули 2012 (МИА) – По 50 години жителите од Пробиштип добијат чиста вода од водоснабдителната мрежа. Денеска беше поставен камен-темелник на новата пречистителна станица вредна 1,4 милиони евра, од кои осумстотини илјади евра се кредит од Јапонската агенција за развој „Џајка“, 480 илјади евра донација од словенечката Влада, а остатокот ќе го обезбеди Општина Пробиштип. Гаранцијата за потребните средства за изградба ги обезбеди Владата.
– Пред две години кога преку Јапонската владина агенција за меѓународна соработка „Џајка“ го обезбедивме потребниот кредит од 800.000 евра, бевме убедени дека овој проект во општина Пробиштип ќе го реализираме за кратко време. Општината направи напори да обезбеди скромни 120.000 евра од сопствениот буџет, а словенечката Влада додели неповратни средства од 480.000 евра. Со ова ја заокруживме финансиската конструкција за овој стратешки објект за жителите на општина Пробиштип, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој присуствуваше на поставувањето на камен темелникот.
Тој додаде дека Владата и натаму ќе продолжи да ја поддржува Општина Пробиштип. Тука, истакна, реализиравме неколку проекти, меѓутоа клучниот проблем на граѓаните на Пробиштип беше да се реши проблемиот со водата за пиење. Немањето чиста вода за пиење е проблем кој задира во основата на животниот стандард на граѓаните и е животно прашање за здравјето на децата на жителите и на сите граѓани на општина Пробиштип, рече министерот.
Филтер станицата ќе се простира на само 300 метри квадратни, ќе располага со најсофистицирана технологија која се применува во најразвиените земји.
– Моделот на прочистување на водата е со ултра филтрација кој што е по најсовремен европски и светски терк, изјави Тони Тоневски градоначалник на Пробиштип.
Тој додаде дека благодарение на поддршката на Владата на Република Македонија и на Словенечката амбасада во Македонија денеска се поставува камен-темелникот на идниот проект со кој ќе го решиме снабдувањето со вода кое беше проблем со децении.
Градежните активности се планира да финишираат кон средината на месец декември годинава, кога ќе потечат водите од хидростемот Злетовица, со што ќе се реши деценискиот проблем за околу 16.000 жители на Општината.
Фабриката за вода во Пробиштип ќе ја гради словенечката компанија „Искра ситеми“, меѓународно призната зад која стои и Владата на Република Словенија. – Нашето учество во оваа инвестиција е од посебно значење бидејќи Македонија и Словенија имаат развиена соработка во развојот и унапредувањето на екологијата, истакна пред присутните словенечкиот амбасадор Брајан Бергант.