Скопје, 30 ноември 2015 (МИА) – Пензионерите можат да бидат мирни и спокојни како и досега. Како што девет години редовно исплаќавме пензии така ќе продолжиме и понатаму, и сега, овој петок, пензионерите ќе си ја добијат заслужената пензија. Ова го изјави министерот за финансии Зоран Ставрески во дневникот на телевизија Сител.
– Фактот што успеавме да се избегне политизацијата на ова прашање и што вечерва е донесена одлука на ДИК е во директна корист за граѓаните коишто чекаат средства од Буџетот, рече Ставрески.
Додаде дека сега ќе може да се реализираат и субвенциите кон земјоделците, согласно предвидената динамика и, како што нагласи, денес, утре и во наредните денови ќе има исплата на субвенции.
– Исто така платите на војската, на полицијата, на здравствените работници, на образовните работници, на сите други коишто примаат средства од Буџетот ќе бидат исплатени редовно, почнувајќи од утре па во наредните десетина дена, како и исплатата на социјалната помош, а за стопанството ќе биде редовно вратен ДДВ, она што е најважно за фирмите, како и исплатата на фактурите од Буџетот за извршените градежни и други работи, рече министерот за финансии.
Според него, ова внесува стабилност во економијата, сигурност за сите граѓани и сите фирми да се чувствуваат постабилно и да знаат дека Буџетот ќе се извршува како што и досега се извршуваше, во корист на граѓаните и на стопанството.