Токио, 11 октомври 2012 (МИА) – Нема да останеме без мерки и инструменти со кои, во рамки на она што го имаме на располагање, ќе се бориме последиците од европската економска криза да бидат помали, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој од денеска учествува на Годишното собрание на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд чиј фокус се токму негативните економски движења во Европа и светот.
– Ќе настојуваме да донесеме свеж капитал од надвор, меѓу другото и од Светска банка со цел подобрување на ликвидноста на економијата. Обврските кон стопанството навреме ќе се сервисираат, онака како што беше соопштено од премиерот, за да ја подобриме ликвидноста на приватниот сектор. Ќе ги зголемиме примањата на оние категории најзасеганти од кризата, односно социјалните категории, пензиите, субвенциите, изјави Ставрески и додаде дека Владата ќе се обиде истовремено да ги одржува на повисоко ниво капиталните инвестиции. Според него, сето тоа се инструменти кои ја прават Македонија малку поразлична од другите, но дека не може да се каже оти економската криза нема да има последици и врз нас.
– Покрај информациите кои доаѓаат за состојбите во еврозоната, за фискалните ризици, слабиот раст на американската економија и забавениот раст на Мексико, Бразил, Кина, кои беа двигателите на растот изминатите две години, дополнети со нерешавањето на должничката криза во Европа, очигледно е дека не можеме да бидеме преголеми оптимисти, посочи вицепремиерот Ставрески. Според него, не може да се очекува дека македонската економија ќе се движи драстично различно од она што се случува во Европа.
Вицепремиерот и министер за финансии Ставрески и гувернерот на Народната банка Димитар Богов од денеска учествуваат на Годишното собрание на Светска банка и ММФ. Како што рече вицепремиерот Ставрески, овој настан е добра шанса за средба со првите луѓе на Светска банка и на ММФ – оние коишто се задолжени за Македонија, како и потпретседателите и извршните директори на овие две водечки меѓународни институции и да се слушнат нивните проценки за состојбите во светската економија.
Од друга страна, Годишните средби се можност да се запознаат овие челници со состојбите во Македонија, со она што се случува на економски план, со гледиштата на владата и мерките и политиките кои ги презема во борба со кризата.
Ставрески утре ќе има средба со потпретседателите и извршните директори на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд.