7 септември 2019 година, Скопје – Агенцијата “Стандард и Пурс“ повторно го потврди кредитниот рејтинг на Република Северна Македонија ББ-, со стабилен изглед. “Стандард и Пурс“ очекува во следните месеци да отпочнат преговорите за членство во ЕУ, што би влијаело на забрзување на реформите и подобрување на институционалниот капацитет на земјата.

Кредитната агенција забележува дека економијата на Република Северна Македонија продолжува да расте и во текот на 2019 година (4,1% во прв квартал 2019), движена од растот на потрошувачката и инвестициите. Агенцијата проектира просечeн економски раст од околу 3% до 2022 година, поддржан од зајакнувањето на институционалните капацитети во рамки на процесот на пристапување во ЕУ. Буџетскиот дефицит се очекува да биде просечно околу 2,5% во периодот по 2019 година. Агенцијата го оценува јавниот долг како умерен во глобален контекст и оценува дека иако долгот ќе расте до 2022 година, понатаму ќе се стабилизира на ниво од околу 45%.

Според Агенцијата, подобрување на кредитниот рејтинг може да следи со навременото имплементирање на реформите, зајакнување на институционалната поставеност и подобрување на економските перспективи. Од друга страна, враќањето на политичките тензии или забавувањето на темпото на реформи, можат негативно да се одразат врз кредитниот рејтинг.

Покрај денешната потврда на кредитниот рејтинг од “Стандард и Пурс“, Државниот завод за статистика вчера објави податоци за економскиот раст во втор квартал 2019 година кој изнесува 3,1 процент, со што во првата половина од годината економијата забележа раст од 3,6 проценти.
Во вториот квартал од 2019 година, реалниот раст на бруто-инвестициите продолжи со посилен интензитет и изнесува 11,1%.

Comments are closed.