21 јуни 2019 година – Четиригодишната Стратегија за соработка помеѓу Република Северна Македонија и Светска банка во чии рамки ќе се реализираат проекти во вредност од 420 милиони долари ќе го интензивира економскиот раст на земјава. Во рамки на Стратегијата, Министерството за финансии денеска потпиша и Меморандум за разбирање со меѓународната финансиска корпорација ИФЦ и со СЕКО, за развој и спроведување на Проектот за лесна индустрија на Југоисточна Европа. Овој Проект ќе помогне да се подобри конкурентноста на македонските добавувачи во регионот на Југоисточна Европа („ЈИЕ“) како и да се зголеми нивната интеграција во еврозоната, истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски.
Настанот се одржа на маргините на годишните средби на ММФ и Светска банка при Холандско-белгиската конституенца.
По тој повод потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Сирил Милер денеска ја презентираше четиригодишната Стратегија за соработка.
Милер вели дека Стратегијата се фокусира на три области. Првата област е насочена кон проекти за зголемување на конкурентноста на компаниите. Според него многу е важно бизнисите да станат поконкурентни бидејќи на овој начин ќе има и поголема вработеност.
“Втората област е вложување во човечки капитал, бидејќи една земја ја прави поконкурентна токму човечкиот капитал”, нагласува Милер.
Третата е фискална одржливост и заштита на животната средина во чии рамки се предвидени проекти за енергетска ефикасност.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, информира дека во рамки на Стратегијата 70 милиони евра ќе бидат инвестирани за локални патишта, 26 милиони евра за подобрување на транспортот и трговијата на Западен Балкан, додека 25 милиони евра ќе се инвестираат за енергетска ефикасност.
Ова се само дел од проектите во рамки на Стратегијата.
Тевдовски вели дека политиките насочени кон одржување инклузивен раст крајно ќе генерираат пораст на продуктивноста и ќе го подигнат животниот стандард на населението.
„Тука од голема важност е и поддршката што договоривме да ја добиваме од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во рамки на Стратегијата за партнерство со Светска банка. За тоа е доказ и денешното потпишување на Меморандумот за разбирање за развој и спроведување на Проектот за лесна индустрија на Југоисточна Европа кој го склучуваме со ИФЦ и СЕКО“, потенцира министерот.
Проектот, додава тој, се очекува да поттикне отворање нови работни места преку обезбедување поконкурентни, интегрирани и производи со поголема додадена вредност на домашните компании.
Со Меморандумот ќе се дефинираат идните активности што ќе бидат насочени кон подобрување на конкурентноста на домашните фирми во: автомобилската индустрија, производство на машини и опрема и производство на електрични уреди.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, потенцираше дека соработката помеѓу Владата на Република Северна Македонија и групацијата Светска банка е од особено значење од повеќе аспекти, а особено за подобрување на конкурентноста на стопанството и поттикнување на развојот на капацитетите на компаниите во нашата земја за соработка со странските компании и зголемување на извозниот капацитет.
„Во периодот што следи, Меѓународната финансиска корпорација, ќе биде многу поприсутна во Република Северна Македонија, за да обезбеди поддршка на компаниите да го подобрат својот производствен капацитет и да ја подобрат соработката со постојните но и со идните странски инвеститори и да се подобри конкурентноста на компаниите на меѓународните пазари. Воедно очекуваме поддршка во реализација на јавни приватни партнерства, особено во сектори каде што има голем потенцијал за развој, како што се енергетиката и управувањето со отпад“, нагласи вицепремиерот.
Потпретседателката на IFC, Георгина Бејкер, вели дека преработувачката индустрија е клучен извор на работни места и на странски инвестиции во овој регион.
Проектот за лесна индустрија на Југоисточна Европа е финансиран од Секретаријатот за економски прашања на Швајцарија (СЕКО).
Амбасадорката Сибил Сутер Тејада вели дека Швајцарија ја поддржува Македонија веќе 25 години.
„Инклузивно вработување и одржлив економски раст се едни од клучните цели кон кои Швајцарија е насочена и за што во оваа земја придонесуваме со 5 милиони евра секоја година. Поврзувањето на малите и средни компании со големите домашни и странски компании ќе помогне во нивниот раст и ќе отвори нови работни места“, вели Тејада.