Охрид, 23 јануари 2013 (МИА) – Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, на охридскиот аеродром „Св.Апостол Павле“ попладнево го пречека индискиот милијардер Субрата Рој, кој до петок ќе престојува во посета на Македонија. Во рамки на посетата претседателот на индиската компанија „Сахара Индија Паривар“ ќе престојува во Скопје и Охрид.

Како што се истакнува во соопштението од Кабинетот на Ставрески, целта на посетата на Субрата Рој е почеток на подготовките за реализација на проектот „Сахаријан Македонија“. Во рамки на посетата тој ќе ја посети локацијата за градба на туристичкиот комплекс кој ќе содржи објекти за рекреација, одмор, терени за голф, спа центри, марина-хотели, објекти за забава, казино на вода итн. За време на посетата Субрата Рој ќе разгледа и други инвестициски можности во земјава во областа на земјоделието, туризмот и други економски сектори.

При престојот во Македонија пред Субрата Рој ќе бидат претставени можностите за инвестирање и во областа на земјоделството, туризмот и други економски сектори. Плановите за претстојните инвестиции индискиот бизнисмен ќе ги соопшти на прес-конференција која е закажана за утре.

Проектот „Сахаријан Македонија“ е проектиран од една од најпознатите светски британски архитектонски компании „Аткинс“ и архитектот Том Врајд кој го има проектирано и грандиозниот и најпознат хотел Буџ Ал Араб во Дубаи, единствен хотел со 7 ѕвезди во светот. Исто така, тие се дизајнери на еден од најлуксузниот и најголем патнички брод во светот – Oasis of the Seas. Имаат дизајнирано луксузни објекти во Русија, Обединетите Арапски Емирати, Сејшелските острови, Индија, Тајланд, Кипар, Индонезија, и многу други земји.

– Планираат во Охрид да има специфичен пловечки хотел со казино, пристаниште, голф терен на многу високи ниво, спа центар, вили кои ќе бидат дадени на продажба. Предложени се хотелски сместувања, конференциски сали, шопинг центри и друго. Предвидуваат и неколку оргинални и ексклузивни содржини за кои можеме да напоменеме дека ќе ги има само во овој комплекс, односно на Охридското Езеро и никаде на друго место во светот, информираат од Министерството за финансии.

Инвестицијата од Субрата Рој, посочуваат, ќе ја продолжи туристичката сезона во Охридскиот регион да биде 365 дена во годината, ќе креира и илјадници работни места и ќе го поттикне градежништвото и други индустриски дејности во земјава.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.