5 март 2018, Скопје – Повратот на ДДВ во првите два месеца годинава е за дури 56% повисок од истиот период во 2017 година, односно за двата месеца во стопанството се вратени 1,4 милијарди денари повеќе, изјави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски по одржувањето на Комитетот за финансиска стабилност во Народна банка.  

Согласно податоците на Министерството за финансии, ова е позитивен тренд кој продолжува од 2017 година. Минатата година реализиран е поврат на ДДВ за 2,2 милијарди денари, односно за 12,2% повисок во однос на 2016 година. 

– Повратот на ДДВ кон фирмите се прави навремено и неселективно што е значаен импулс за поддршка на нивните редовни активности и инвестиции – посочи Тевдовски.

Според министерот за финансии Тевдовски и гувернерот Богов, нестабилноста што беше предизвикана од домашните политички превирања во април и мај 2017 година е целосно надмината. Финансискиот систем е стабилен и функционира нормално, без какви било потреси. 

– Фискалната политика е во насока да се задржи стабилноста во економијата и во финансискиот сектор, како и да се поттикне економскиот раст. За првпат после осум години има намалување на државниот и на јавниот долг на годишно ниво. Еврообврзницата е издадена во најоптимално време и по најдобри можни услови со што се превенираат ризиците од движењата на финансиските пазари – рече Тевдовски.

Ова е петта седница на Комитетот за финансиска стабилност – тело формирано од страна на Министерството за финансии и Народната банка. Тоа е значаен форум на кој двете клучни институции дискутираат за клучни прашања поврзани со финансискиот сектор и е во насока на одржување на добрата комуникација и координација меѓу НБРМ и Министерството за финансии.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.