Собранието на Република Македонија денеска, по тридневна расправа, го донесе ребалансот на Буџетот за 2009 година, со кој се кратат и приходите и расходите за 3,2 проценти.
 
Приходите според ребалансот се проектирани на 138,459 милијарди денари, а расходите на 149,5 милијарди денари. Дефицитот останува во претходно проектираните рамки со извесно намалување од околу 300 милиони денари, односно тој ќе изнесува 2,8 проценти од БДП. Со најновите измени на Буџетот стапката на БДП на годишно ниво е минус 0,6 проценти, а инфлацијата 0,1 отсто.
 
На прихдоната страна даночните приходи се пониски за 5,7 проценти, при што најголемо е намалувањето кај ДДВ за 6,5 проценти, персоналниот за два проценти и царините за 16,7 проценти. Социјалните придонеси според ребалансот ќе забележат раст од 2,4 отсто.
 
На расходната страна намалување има на вкупната маса на плати и надоместоци за три проценти, односно за 684 милиони денари, кај ставката за дневници и службени патувања кај која скратувањето кај некои корисници е и до 50 проценти. Социјалните трансфери остануваат непроменети, а зголемување се предвидува за набавка на лекови и вакцини за новиот грип. Нема намалување кај исплатата на субвенциите во земјоделството. Капиталните расходи се намалени за 18 проценти.
 
Причина за носењето на овој ребаланс, кој е втор по ред годинава, е приспособување на трошењето на државата на реалната состојба во стопанството, како и помалата реализација на приходите.
 
За мнозинството во Парламентот ребалансот е отслкикување на реалната состојба во економијата, а според опозицијата ребалансот не нуди решение за излез од економската криза и оти целта на Владата е да се соберат што повеќе пари од граѓаните и стопанството.(МИА)