4 јануари 2019, Скопје – За редовен и автоматски поврат на ДДВ кон фирмите и пребивање на претплата на даноци кон сите даночни обврзници, Управата за јавни приходи направи Модул за автоматски поврат и пребивање. Ова беше истакнато денес на работната посета на министерот за финансии Драган Тевдовски и директорката на УЈП Сања Лукаревска на Регионалната дирекција на УЈП во Скопје.
– Преку развојот на Модулот за автоматско пребивање се воспоставува систем за неселективен и автоматски поврат на даноци кон даночните обврзници. Пример за тоа е повратот на ДДВ кон претпријатијата во 2018 година, кој беше брз и неселективен. Минатата година реализираниот поврат на ДДВ изнесува 23,1 милијарда денари и тој е за 19,3% повисок од 2017 година – рече министерот за финансии Тевдовски.
Модулот за автоматско пребивање е развиен од ИТ секторот на Управата за јавни приходи.
Инаку, со цел подобро функционирање и давање подобри услуги на граѓаните и фирмите, УЈП оди кон автоматизирање на процесите. Во таа насока се и платформата е-персонален данок и предпополнетата даночна пријава. Со оваа реформа граѓаните се ослободени од административните процедури и долгото чекање на шалтерите. Благодарение на електронскиот систем, граѓаните ќе имаат и увид во своите приливи, платените и неплатените придонеси.
– Целосно сме посветени на реализација на започнатите проекти и на реформите што се предвидени за годинава. Со задоволство можам да кажам дека веќе имаме 100% успешност на реформата е-Персонален данок, систем на кој се регистрираа 656 000 граѓани, а сѐ уште се регистрираат и физичките лица кои до тој рок не го направиле тоа. Успешната реализација е благодарение и на сите граѓани што ѝ дадоа шанса на оваа реформа и соработуваат со Управата за јавни приходи.. Од 1 јануари веќе започнавме со подготвување на предпополнетата годишна даночна пријава што ќе им биде доставена на сите физички лица регистрирани на е-пдд, по што од нив ќе чекаме потврда или корекција. Со тоа верувам дека целосно ќе заокружиме еден успешен процес – рече директорката на УЈП Лукаревска.
Исто така, во насока на автоматизирање на процесите УЈП воведе софтвер за евалуација на ризикот, кој овозможува електронска селекција на даночни обврзници за контрола врз претходно утврдени критериуми за ризик. Со овој софтвер се обезбедува објективна селекција на даночни обврзници за контрола. Автоматизацијата на процесот придонесе до значително намалување на човечкиот фактор. Годинава ќе стартува редовната примена на системот.