Скопје, 21 мај 2014 (МИА) – Шестото извлекување од наградната игра „Фискална во рака – награда без мака“ наместо во понеделник ќе се одржи во вторник, на 27 мај, со директен пренос на Македонската радио телевизија од 20 часот.

Причината за тоа е, како што соопшти денес Државната лотарија на Македонија, одржувањето на големиот хуманитарен концерт „Да се обединиме во хуманоста“, за помош на погодените региони од поплавите, кој ќе се емитува на Македонската радио телевизија во понеделник од 19 часот.

Во шестото коло од наградната игра ќе се извлекуваат 150 вредносни ваучери и главна награда автомобил „фолксваген поло“.

Неизвлечените коверти, како и ковертите од досегашните извлекувања ќе учествуваат во седмото коло на 30 јуни, кога покрај редовните награди ќе се додели и стан и деловен простор.

Досега од наградната игра „Фискална во рака – награда без мака“, чиј приредувач е Државната лотарија на Македонија под покровителство на Министерството за финансии, доделени се еден стан, еден деловен простор и пет автомобили. Покрај главните награди, беа доделени и 750 вредносни ваучери од 60.000 до 1.000 денари.

За учество во наградната игра потребно е да се испратат дваесет фискални сметки со најран датум од 15 ноември 2013 година, во стандарден коверт на адреса бул. „Гоце Делчев“ бр.8, поштенски фах 363, со назнака „За наградна игра Фискална во рака – награда без мака“. Ковертите може да се остават на пунктовите на Државната лотарија на Македонија лоцирани во Скопје пред продажното место Толлакс и МПМ Пресс кон плоштадот Македонија и во влезот на зградата на МРТ. Низ градовите во државата пред секое извлекување се одвива караван со поставување пункт пред продажно место на Државна лотарија на Македонија.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.