16 мај 2020, Скопје – Кредитните агенции „Фич“ и „Стандард и Пурс“  уште еднаш го потврдија кредитниот рејтинг на Република Северна Македонија. „Фич“ ја оценува земјава со ББ+, но сега со негативен изглед поради глобалната пандемија, додека „Стандард и Пурс“ со ББ- со стабилен изглед.

И двете кредитни агенции, како резултат на кризата предизвикана од ковид-19 и проекциите за забавување на глобалната економија, предвидуваат контракција на економскиот резултат во 2020 година и опоравувавње, односно раст во 2021 година, со тоа што „Фич“ проектира -4,2% за 2020 и 5,1% раст во 2021 година, додека „Стандард и Пурс“ -5% во 2020 и 3,8% во 2021 година.

Кредитните агенции ги нотираат мерките што се преземени од страна на Владата, насочени кон зачувување на работните места, поддршка за најпогодените индустрии, како и меки регулаторни мерки. Како што се наведува и во двата извештаја, мерките ќе придонесат за зголемување на буџетскиот дефицит и ќе влијаат врз зголемување на државниот долг кој, според проценките на кредитните агенции, ќе се приближи до 50%. Паралелно со опоравувањето на економијата се предвидува и намалување и стабилизирање на буџетскиот дефицит.

Кредитните агенции го оценуваат банкарскиот сектор како стабилен исто како и домашната валута која има фиксен курс со еврото.

И двете агенции го оценуваат како позитивно зеленото светло од Европската Унија за почеток на преговори што заедно со спроведувањето реформи може значително да придонесе за развој на економијата.

Comments are closed.