Скопје, 23 март 2012 (МИА) – Македонија од агенцијата за рејтинг „Фич“ ја доби оценката ББ+ со стабилни изгледи, според последното рангирање објавено на нејзината веб страница.
– Политичките ризици, вклучувајќи го и проблемот со името, како и следствено на тоа одложувањето на пристапните преговори со ЕУ, се пречка за рејтингот. Решението на проблемот со името, кое би отворило пат кон членство во ЕУ, со придружните поволности, како што се посилните институции и политички рамки, подобар пристап до финансирањето, инвестициите и извозните пазари, би можело да поттикне позитивна акција во однос на рејтингот, ако е придружено со соодветен економски раст, се посочува во анализата на „Фич“.
Воедно се дава и оценка за дијалогот на високо ниво на Македонија со ЕУ кој го отпочнаа минатата недела еврокомесарот Штефан Филе и премиерот Никола Груевски, дека може да биде позитивен за земјата доколку го искористи моментумот за поскоро почнување на официјалните пристапни преговори.
Според „Фич“, придобивките од ваквиот чекор и почнувањето формални разговори со јасна временска рамка за пристапување ќе бидат двојни. Прво, процесот би можел да помогне да се „зацементираат“ постојните реформи кои придонесуваат да се подобри деловната клима во земјата. Потсетуваат дека од 34. место во 2011 година, во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка, Македонија годинава се искачи на 22. место, но велат, реформите можно е да имаат плитки корени, а ќе им треба и многу време да продрат до пониските нивоа на јавната администрација.
Втора придобивка од преминувањето кон пристапни преговори, оценуваат, би можело да помогне да се обезбеди политичка стабилност во земјата, додавајќи дека членството во ЕУ како заедничка цел помогнало во приближувањето на Македонците и на етничките Албанци. „Фич“ и со забелешка дека понатамошното одложување во пристапниот процес кон ЕУ може да ги поткопа меѓуетничките односи бидејќи, се посочува, албанската заедница не ја споделува бескомпромисната позиција на Македонците во спортот со Грција за уставното име на земјата.
Од „Фич“ оценуваат дека е малку веројатно во блиска иднина да се дојде до заемно прифатливо решение бидејќи ниту една од страните не покажала волја за компромис. Сепак, додаваат, доколку дијалогот на високо ниво донесе напредок во други области поврзани со евроинтеграциите, тогаш тоа би можело да го зголеми притисокот врз Македонија и врз Грција да постигнат договор околу прашањето за името.