Скопје, 28 мај 2013 (МИА) – Македонија е лидер во регионот во спроведувањето на електронските аукции за јавните набавки и заштедите што при тоа ги генерира. Одговорните лица се многу попретпазливи при склучувањата на договорите, а корупцијата е во мал обем. На листата на објавени компании кои поради прекршување на законот имаат забрана за учество во јавни набавки, има 25-26 компании. Ова беше посочено на 9. Регионален форум за јавни набавки што се одржува во Скопје.

 

Јавните набавки зафаќаат околу 13 отсто од бруто домашниот производ на Република Македонија. Минатата година се склучија над 23.000 договори за јавни набавки, а преку нив се договорени над 56 милијарди денари или околу 900 милиони евра, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој додаде дека ова покажува колку се важни јавните набавки за правилно функционирање не само на јавниот сектор, туку и на целокупната пазарна економија.

 

– Ефикасни и транспарентни јавни набавки претставуваат предуслов за добивање најдобра вредност за јавните средства, за да може јавниот сектор да биде вистински сервис на граѓаните и стопанството. Јавните набавки се динамична област која постојано бара приспособување на реалните текови во општеството и стопанството, рече вицепремиерот Ставрески на 9. регионален форум за јавни набавки.

 

Бирото за јавни набавки е формирано во 2004 година, и според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески регионот може да биде пример како за релативно кратко време земји без голема традиција во јавните набавки може да воспостават функционален и сеопфатен систем на јавни набавки.

 

– Ако до пред 10 години беше актуелно прашањето како да се уредат јавните набавки, сега веќе зборуваме за електронски аукции, централизирани набавки, професионализација, динамични системи за купување, електронски понуди и електронски потписи, истакна Ставрески.

 

Посочи дека домашните се усогласени со европските директиви, но оти македонските прописи вклучуваат и бројни добри меѓународни практики кои не се уредени со директивите, а кои најчесто извираат од практиките на меѓународните финансиски институции.

 

Директорката на Бирото за јавни набавки истакна дека ако се зборува за ефикасноста на системот за јавни набавки, тогаш сме на добар пат. – Со електронскиот систем на јавни набавки и со заштедите што ги генерира преку електронски ауцкии може да се пофалиме дека сме лидери во регионот, истакна Богева-Мицовска.

 

Comments are closed.