Постојаното стручно усовршување е клучно не само за конкурентност и подобрување на деловната активност на претпријатијата, туку и за подобро позиционирање на индивидуите на пазарот на труд.
Постојаното стручно усовршување е клучно не само за конкурентност и подобрување на деловната активност на претпријатијата, туку и за подобро позиционирање на индивидуите на пазарот на труд. Процентот на активно работоспособно население во ЕУ кое редовно посетува обуки се проценува на 9,6%, а во земјите кандидати за членство во ЕУ тој достигнува околу 5%. Амбициите на земјите членки на ЕУ се да ги зголемат вложувањата во човечки ресурси, од причина што инвестициите во човечки потенцијали во САД се сеуште четири пати повисоки од инвестициите во ЕУ (САД 2,2 % од БДП, наспроти 0,6 % од БДП во ЕУ).
Во земјите од Југоисточна Европа, менаџерството е релативно нова професија. Во повеќето од нив формирани се образовни институции за таа намена, или пак постојните факултети ја задоволуваат побарувачката за овој вид на образование, додека само во мал дел потребите за едукација и тренинг на менаџерите примарно се задоволуваат со трансфер на знаење преку странските директни инвестиции. Така на пример, Хрватска, Бугарија, БиХ, Унгарија и Романија нудат по најмалку две јаки МБА програми, со цена која се движи од 9.500 евра до 52.500 евра (најскапа е двегодишната МБА програма во CEU Business School во Унгарија). Заради близината, голем број македонски студенти ги посетуваат извршните бизнис програми во Грција. Според веб страницата на CITY College од Солун, дури 24,1% од студентите се македонци. Најатрактивни цени за македонците во регионот нуди Универзитетот во Љубљана (5.000 евра), додека познатата Бледска школа за менаџери чини 23.000 евра за едногодишна и 28.500 евра за двогодишна програма.
Со зголемувањето на странските инвестиции и зголемувањето на бројот на запишани студенти на универзитетите во Македонија во последниве две години, како и се поголемата конкуренција која ја наметнува економската интеграција на македонските фирми во еврозоната, во земјава се создава доволна побарувачка за менаџерско образование. Една неодамнешна анкета кај големите македонски компании, покажа дека 89% од менаџерите се со факултетска диплома, 7% се магистри, 3% имаат докторат а 1% немаат факултетско образование. Фактот дека големо мнозинство од менаџерите имаат само факултетска диплома, покажува дека постои голем простор за натамошно образование.
Од овие причини, деновиве бизнис заедницата и владата донесоа одлука за формирање на Центар за менаџерско образование. Целта на Центарот е да ги привлече менаџерите од малите и средни компании од Македонија, но и пошироко од Југоисточна Европа. Сепак во првите години од започнувањето со работа, главен фокус ќе бидат фирмите од Македонија. Центарот ќе биде основан од страна на најмалку 25 компании членки на Меѓународниот совет на инвеститори, Стопанските комори и другите заинтересираните бизнис асоцијации. Средствата за основање ќе бидат обезбедени од страна на компаниите како основачи. Учеството на Владата е преку обезбедување на деловен простор во Охрид од најмалку 350 м2 корисна површина, без или со симболичен надомест.
Работен јазик на Центарот ќе биде англиски. Центарот ќе биде управуван од Управен одбор и Академски одбор. Управниот одбор ќе се грижи за спроведување на целите и задачите на Центарот, додека Академскиот одбор ќе го спроведува и надгледува академското работење. Предвидено е покрај претставници на основачит, во Управниот одбор да има и претставници на Владата.
Во согласност со стратешките цели, образовните активности на Центарот ќе опфаќаат: 1/ сертифицирани програми (Executive MBA и President MBA); 2/ специјализирани програми (за компании и јавна администрација); и 3/ кратки семинари за главните бизнис активности (Финансиски менаџмент, Проект менаџмент за менаџирање на проектен циклус и менаџмент вештини, Маркетинг менаџмент и Општ менаџмент). За почеток, работниот материјал ќе биде обезбеден од некои од водечките бизнис центри во регионот, но постепено ќе биде заменет со сопствени материјали кои ќе произлезат од истражувањата на центарот.
Се планира Центарот да биде акредитиран најдоцна три години од основањето. Целта на акредитацијата е вмрежување со најквалитетните вакви центри и школи во регионот и пошироко. Центарот ќе соработува со следниве водечки интернационални институции: CEEMEN (Централна и источна европска организација за менаџмент истражување); EFMD (Европска фондација за менаџерски развој); EMBAC (Извршен МБА совет) и ASSB (Асоцијација на Советодавни колегијални бизнис школи).
Со својот практичен и високопрофесионален пристап, се очекува Центарот за менаџерско образование да овозможи конкурентно образование за МБА програма, која во моментов ја нудат и повеќето универзитети во земјава. Со формирањето и работата на Центарот, македонските менаџери ќе имаат извонредна можност за стекнување на нови знаења и вештини, било да се тие потребни за унапредување на знаењата на тековното работно место, или заради желба за промена на работата.
Во современиот динамичен свет, се поголема е веројатноста за побрза и почеста промена на работните места во текот на кариерата. Во тој процес, успешни ќе бидат оние кои постојано ги зголемуваат сопствените знаења и кои стекнуваат нови вештини. Ерата на "доживотна работа" е зад нас. Пред нас е ерата на "доживотно учење".
Зоран Ставрески