Скопје, 5 април 2017 (МИА) – „Во последните 20 години успеавме да одржиме ценовна стабилност, со инфлација од 2 проценти во просек, стабилен девизен курс и здрав банкарски систем кој преживеа многу стрес-тестови во реално време.“
Ова го истакна гувернерот на Народна банка на Република Македонија, Димитар Богов, обраќајќи се на конференцијата што НБРМ ја организира по повод 25-години монетарна самостојност.
– Сега кога одбележуваме 25 години од монетарната самостојност можеме да кажеме дека сме искусиле различни ситуации и сме се справиле со неколку шокови, внатрешни и надворешни. Научивме многу, како од другите така и од самите нас и постигнавме многу цели. Конечно сфативме дека треба да работиме понапорно за подобри успеси во иднина, потенцира Богов.
Изрази верување дека монетарната политика била и ќе продолжи да биде сигурен партнер на макроекономската политика во земјата со што се придонесува во одржување на севкупната макроекономска стабилност.
Порача дека креаторите на политиките треба посмело да ги имплементираат реформите, фокусирајќи се на флексибилен пазар на труд, поголема продуктивност, посилна конкуренција и иновации. Тоа, додаде, е целта не само за земјите во развој, туку и на развиените економии. – Алармот е вклучен и за фискалната политика која во многу земји стана прекомотна со политиката на ниски каматни стапки. Потребно е затегање на фискалните услови што ќе овозможи фискална консолидација, рече Богов.
На конференцијата се обрати и министерот за финансии Кирил Миноски, кој рече дека Македонија во континуитет ја одржува макроекономската стабилност преку ниска стапка на инфлација, стабилен курс на денарот и прудентна фискална политика, што, како што посочи, е еден од клучните услови за одржлив раст и предвидливо економско окружување.
– Македонската економија, покрај предизвиците од меѓународното окружување, се соочува и со предизвици од тековната политичка ситуација и во вакви услови перспективите за повисок економски раст се ограничени, но и покрај тоа изминатите две години економијата забележува солиден раст од 3 отсто во просек, рече Миноски.
Според него, покрај координацијата на монетарната и фискалната политика, значајна и неопходна е соработката на НБРМ и Министерството за финансии на полето на изградба и зачувување здрав и стабилен финансиски систем во државата. Во тој контекст истакна дека двете институции, во минатото и денес, заеднички работат на подготовка на регулатива со која се уредува позицијата и надлежностите на НБРМ, како и регулатива за банкарскиот систем и платната инфраструктура.
Миноски посочи на проект за подготовка на Закон за опоравување банки, потоа на нова регулатива за платните системи, како и нов Закон за банки.
Шестата меѓународна истражувачка конференција на НБРМ која традиционално се организира по повод одбележување на годишнината од монетарното осамостојување на РМ е насловена „Централното банкарство во услови на продолжена глобална неизвесност: Најновите лекции додека се бара ’новата нормала’“.
Годинава новина е тоа што конференцијата се организира во рамки на заедничкиот настан со Лондонската школа за економија и нивната конференција „Социјална кохезија во земјите од Југоисточна Европа“.
На конференцијата ќе бидат презентирани истражувачки трудови на претставници од централните банки и академските установи од регионот.