28 април 2020, Скопје – Министерката за финансии, Нина Ангеловска, која е една од првите 7 амбасадорки за е-трговија во светот, на УНКТАД (тело на Обединетите нации за трговија, инвестиции и развој), денес учествуваше на панел-дискусија од високо ниво во рамки на Неделата на е-трговија УНКТАД. Ова е водечки форум на кој учествуваат министри, високи владини претставници, извршни директори, меѓународни организации, банки за развој, експертска и невладина јавност, за да разговараат за можностите за развој и предизвиците поврзани со дигиталната економија. Оваа година, поради кризата предизвикана од ковид-19, се одржува виртуелно.
На овој форум се адресираат повеќе теми како што се: дигитални економии во реално време; како да се заштитат потрошувачите и какви напори преземаат надлежните за ублажување на негативните ефекти на пандемијата; иновации, сопственост на податоци и интелектуална сопственост; улогата на компјутерската безбедност и приватноста во дигиталниот и е-трговскиот простор.
Во рамки на панел-дискусијата “Empowering women digital entrepreneurs for resilient economies“ на која учествуваше министерката за финансии, учество земаа и заменик-генералната секретарка на УНКТАД, Изабел Дурант, амбасадорката и постојан претставник на Мисијата на Кралството Холандија во Обединетите нации, Моник Ван Дален, амбасадорката на е-трговија, основач и извршен директор на Квиккеш, Патриша Зунди Јао, соосновачот на ПејДуниа, Јума Динг Фол и претставничката од македонската асоцијација за е-трговија, Марија Ристовска.
На панел-дискусијата се зборуваше дека дигитализацијата создава нови можности за жените во земјите во развој. Сепак, овој потенцијал сè уште не е целосно искористен, од причини поврзани со родова пристрасност, недостаток на застапеност, нееднаков пристап до Интернет и ограничени дигитални вештини итн.
Министерката за финансии, Ангеловска во своето обраќање истакна дека дигитализацијата сега, во време на пандемија и глобална здравствено-економска криза, добива нова перспектива.
– Со рестриктивните мерки за заштита на здравјето на нашите граѓани, истовремено преземаме мерки за да го олесниме работењето и новите начини на работа – е-фактури, електронски документи и сл. Во текот на март, бројот на нови е-продавници на македонскиот пазар е скоро ист како и бројот на новоотворени е-продавници во текот на целата 2019 година. Онлајн продавниците за намирници сега имаат од 8 до 10 пати поголема продажба… нема сомнение дека сега е вистинско време дигиталната економија и електронската трговија да го покажат својот потенцијал. Навиките ќе се менуваат, ќе се зголемува употребата на платежни картички и е-банкарство, разговараме да се поттикне финтек, да се стимулираат плаќања без готовина итн. Верувам дека е јасно дека светот нема да биде ист по ова – откако животот ќе започне да се враќа во нормала. Ако досега велевме дека поради технологиите светот се менува побрзо од кога било, сега оваа криза верувам дека уште повеќе ќе го стави тоа брзо темпо во 5-та брзина – рече Ангеловска.
Таа посочи дека зависи од владите, претприемачите, жените од целиот свет – дали и колку светот ќе биде подобар и попаметен по кризата предизвикана од коронавирусот, како и дека компаниите ќе ги менуваат своите процеси, деловни модели, а ќе се реконструираат и некои синџири на снабдување.
– Фазата на закрепнување ќе започне наскоро. Сакам да ве оставам со порака дека улогата на жените и на трансформативното претприемништво за време на фазата на закрепнување ќе биде поголема од кога и да било досега – рече Ангеловска.
Инаку, е-трговија за жени е иницијатива предводена од УНКТАД, поддржана од Владата на Холандија. Целта е да ги инспирира, поддржува, поврзува и да им даде глас на дигиталните претприемачи жени во земјите во развој и на крајот да ги претвори во сила за инклузивно создавање богатство во нивниот регион.
Во нашата земја во октомври минатата година беше одржан првиот мастерклас во светот за е-трговија за жени.