2 март 2020, Скопје – Со грант средства од 4,7 милиони денари од Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, извршена е енергетска обнова на градинката „Весели цветови“ во Кисела Вода, која ја посетуваат околу 190 деца. Преку МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии, со поддршка на Светска банка, во моментов се реновираат и опремуваат уште пет градинки, со што ќе се обезбедат подобри услови за околу 1.100 деца кои ги посетуваат истите, рече министерката за финансии Нина Ангеловска, која денеска заедно со градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски ја посети реновираната градинка.
– Инвестициите во човечки капитал се неопходни за да се подобри продуктивноста на населението на долг рок. Градинките, односно предучилишната грижа, се од големо значење, бидејќи тука се остварува првиот контакт на децата со институциите и нивниот вовед во образованиот процес. Предучилишното образование е значајно за социјализација на децата, за стекнување самодоверба, когнитивни вештини, како и основа за понатамошниот образовен процес, особено ако се земе предвид дека најголем дел од развојот на мозокот на децата се случува до возраст од 5 години – рече министерката за финансии Ангеловска.
Таа посочи дека преку МСИП во моментов се работи на реконструкција и опремување на уште пет градинки, односно реконструкција на градинка во Општина Центар и опремување четири градинки во Општина Гостивар, со што околу 1.100 деца ќе добијат подобри услови за згрижување. Сите треба да се готови во март. Ангеловска рече дека изминативе две и пол години преку Проектот за подобрување на општинските услуги изградени се и нови градинки во Карпош, Сопиште и Зрновци.
Ангеловска нагласи дека и преку Буџетот за годинава се издвоени 105 милиони денари за изградба, доградба, реконструкција или набавка на опрема за градинки во 9 општини.
– Во Сопиште, Чаир и Василево е планирана изградба и опремување на градинките, во Делчево реконструкција и адаптација на постоечки простор и набавка на опрема, во Струмица, Гостивар и Ѓорче Петров доградба и набавка на опрема, во Гостивар, с. Бањица и во Илинден набавка на опрема за тамошните градинки, а во Општина Илинден покрај набавка на нова опрема, предвидени се и машински инсталации. Децата се нашата иднина и преку вложувањето во образованието, здравството и социјалата вложуваме во целосно искористување на нивниот потенцијал, кој согласно денешните мерења е само половина искористен – рече Ангеловска.