8 мај 2018, Јордан – Министерот за финансии Драган Тевдовски од денес учествува на Годишните средби на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кои се одржуваат во Јордан. Темата на средбите годинава е „Влевање енергија во економијата“.
Поздравно обраќање на годинашното собрание ќе има кралот на Јордан – Абдула II Ибн Ал Хусеин.
Министерот, како гувернер на Македонија во ЕБОР, ќе земе учество на Тркалезната маса на Бордот на гувернери, а ќе се обрати и на панел-дискусијата „Зелена инфраструктура“.
За време на Годишните средби, Тевдовски ќе оствари и повеќе билатерални состаноци. Предвидено е да се сретне со потпреседателот на ЕБОР Пјер Хеилброн, директорот на Конституенцата во која е Македонија Франс Викерс, директорката на ЕБОР за транспорт Сју Барет, директорот за енергетика Хари Бојд Карпентер и директорот за општинска инфраструктура и животна околина Сју Горансон. На Средбите е планирано да се дискутираат тековни, но и идни проекти од областа на транспортот и енергетската инфраструктура.
Во моментот ЕБОР во Македонија финансира проекти во износ од 707 милиони евра, од кои најголем дел во транспортниот сектор, во износ од 622 милиона евра. Од 1993 година до денес ЕБОР има одобрено 111 проекти во вкупен износ од 1,65 милијарди евра.