30 август 2016, Лидер – Индустријата продолжува со трендот на раст. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, индустриското производство во периодот од јануари до јули годинава забележа раст од 5,6%. Податоците покажуваaт раст на индустриското производство и на месечно ниво, па така растот во јули 2016 година споредено со јули 2015 година изнесува 5,1%.

Преработувачката индустрија и понатаму останува движечка сила, со раст од 6,1% во јули 2016 година. Растот во секторот е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните гранки: Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на други неметални минерални производи, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспомнати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Раст од 15,4% бележи и секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација. Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во јули 2016 година, во однос на јули 2015 година, бележи опаѓање од 5,5%.

Според главните индустриски групи, производството во јули 2016 година, во однос на јули 2015 година, бележи пораст кај енергија за 12,5%, капитални производи за 34,5% и трајни производи за широка потрошувачка за 57,3%, додека опаѓање бележи кај интермедијарни производи, освен енергија за 0,4% и нетрајни производи за широка потрошувачка за 4,1%.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.