9 ноември 2019, Скопје – Дигиталните алатки сѐ уште се занемарени како клуч за подобро раководење со државите и за подобрување на демократијата. Дигитализацијата може да помогне во адресирањето на глобални проблеми меѓу кои и најгорливиот – одржливиот развој. Новите технологии се и клуч за премостување на родовиот јаз. Обраќајќи се на отворањето на интернационалниот 13. Фреја форум што оваа година се одржува во Скопје, министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека пред нас е откривање и користење на потенцијалот на технологиите за адресирање крупни општествени проблеми.
– Човештвото се соочува со сиромаштија и глад, раселување како последица на климатските промени и конфликтите, додека, од друга страна, има брз развој на вештачката интелигенција. Ова значи дека треба повеќе да работиме нa изнаоѓање соодветни решенија за проблемите со кои се соочуваме – посочи Ангеловска.
Дигиталните алатки можат да се користат за да се подобрат услугите на владите. Со едноставни анализи базирани на дигитални алатки можеме да видиме, на пример, кој и каде најмногу користи Интернет, како показател за развојот на одредени региони.
– На пример во Чикаго, вградени дигитални следачи во велосипедите им покажуваат на градските власти кои патишта треба да се реконструираат. Дигиталните алатки се ресурс на денешницата исто како што во првата индустриска револуција била парната машина, исто како што беше самиот Интернет – рече Ангеловска.
И за Владата на РС Македонија едно од важните прашања е користењето на дигиталните технологии за подобрување на квалитетот на јавните услуги. Министерката Ангеловска рече дека со Светска банка, на годишната средба во Вашингтон, е договорена натамошна соработка за дигитализирање уште поголем број услуги, што ќе има директен импакт врз доброто управување, но и врз економскиот раст. Овој месец, Министерството за информатичко општество и администрација ќе ја објави листата на електронски услуги со кои ќе бидат поедноставени услугите до граѓаните.
– Моите заложби се насочени кон вбризгување на дигиталните технологии во секоја сфера бидејќи верувам дека иднината за Северна Македонија лежи во смарт и дигитално општество. Министерството за финансии ќе се заложи за поголема примена на дигиталните технологии во делот на адресирање на сивата економија и даночните политики, следењето на имплементацијата на капиталните инвестиции и буџетската транспарентност – укажа министерката за финансии Ангеловска.
Фреја форумот од 1995 година работи на градење капацитети, демократија и еднакви можности преку развој на непрофитни организации во Западен Балкан, Турција, Шведска и земјите од ЕУ.