Во општина Василево почна реализација на два инфраструктурни проекта за подобрување на животот на граѓаните
Струмица, 1 февруари 2014 (МИА) – Во струмичкото село Пиперево денес беше означен почеток на изградба на нов систем за фекална канализација и реконструкција на главната улица. На поставувањето камен темелник присуствуваа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на општина Василево, Ване Стојанов.
Поздравувајќи ги присутните, вицепремиерот Ставрески истакна дека со започнување на реализацијата на овие два инфраструктурни проекта уште еднаш се потврдува дека она што е ветено и се исполнува.
– Денес имаме почеток на реализација на два значајни проекта за жителите на Пиперево. Вкупната инвестиција на овие два инфраструктурни проекта е околу 450.000 евра, од кои добар дел обезбеди Владата преку Програмата за рурален развој, а еден дел од средствата обезбеди општината. Така што со заеднички сили реализираме проекти кои се значајни за подобрување на животот на граѓаните. Ова беше наше изборно ветување и како и секогаш настојуваме она што е ставено во програмата да го испочитуваме, а сè со цел за подобрување на животот на граѓаните во Република Македонија, рече Ставрески.
Градоначалникот Стојанов ја истакна соработката со Владата со чија помош континуирано со изградба на капитални инфраструктурни проекти се подобрува животот на жителите во руралните општини.
– Иако во нашата програма овие два проекта беа планирани за реализација во 2016 година, сепак заедно со надлежните министерства успеавме да обезбедиме средства од Програмата за рурален развој и овие два инфраструктурни проекта да ги реализираме годинава, рече Стојанов.