18 ноември 2018, Скопје – Буџетот на Република Македонија станува уште подостапен до граѓаните преку веб-платформата изработена од победниците на Фин Хакатонот. Како што беше истакнато денеска на прес-конференцијата во Министерството за финансии, граѓаните ќе ги дели само еден клик до сите информации за приходите и расходите во Буџетот. На овој начин Буџетот ќе им стане подостапен на граѓаните.

– Граѓанскиот буџет на Македонија е убедливо најдобар не само во регионот, туку и пошироко. Тој дава јасен приказ на приходите и расходите во Буџетот, како и можност да се направи споредба низ времето колкави биле тие ставки. Има и јасен приказ колкав удел имаат одделните расходи во Буџетот. На овој начин граѓаните добиваат информација за што се наменети државните пари, а со тоа имаат и поголема контрола врз нивното трошење – рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Како што истакна директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, Фин Хакатонот овозможил младите луѓе да влијаат врз транспарентноста и ефикасноста на една комплексна јавна институција како Министерството за финансии. 

– Преку вакви иницијативи сакаме со  практична примена на иновации во јавниот сектор да имаме отворени и  транспарентни институции, а граѓаните да добијат поефикасна и поквалитетна услуга – рече Деспотовски.

Како што истакна претставничката на тимот кој ја изработи победничката веб-апликација на Фин Хакатонот, Елена Андреева, апликацијата треба да го направи Буџетот разбирлив за сите. Апликацијата овозможува не само да се видат бројки од Буџетот, туку истовремено има и објаснувања за самите ставки, како и споредби со изминатите години со што се добива јасна слика за Буџетот.

За Граѓанскиот буџет изработени се и едукативни видеа, кои на едноставен начин го објаснуваат истиот.

– Видеата се надополнуваат со веб-апликацијата и ја прават сликата уште појасна и поприемчива за целата јавност. Би сакал да истакнам дека она што е добро е што оваа апликација не се однесува само на еден Граѓански буџет, туку е платформа на која и во иднина може да се поставуваат податоци од новите буџети – рече Стефан Митески од тимот кој го изработи победничкото видео на Фин Хакатонот.

Апликацијата за Граѓанскиот буџет е достапна на македонски, албански и на англиски јазик.

Граѓанскиот буџет можете да го најдете на http://budget.finance.gov.mk.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.