Демир Хисар, 2 март 2013 (МИА) – Светски реномираната руска компанија за производство на балетска опрема и друг вид спортска опрема ГРИШКО денеска во селото Слепче, демирхисарско, ја отвори првата фабрика за изработка на балетски обувки која ќе овозможи вработување на 80 луѓе.

На свеченоста се обрати премиерот Никола Груевски кој истакна дека оваа гринфилд инвестиција е резултат на владиното роуд шоу минатата година во Руската федерација каде започнале првите преговори за реализација на оваа
инвестиција.

Тој посочи дека фирмата ГРИШКО ја одбра токму Македонија за дестинација на својата нова фабрика по презентираните можности за инвестирање во земјата и помошта што ја нудат домашните институции во интерес на инвеститорот.

– ГРИШКО одлучи својата фабрика да ја лоцира овде во поранешниот селски дом во село Слепче. Денеска стоиме пред новата фабрика која првично планира да вработи околу 80 луѓе. Отворањето на нови работни места е од особено значење за развојот на овој регион. Верувам дека компанијата ќе има можност да одбере многу вредни и продуктивни работници од регјионот. Од особено значење е и фактот што компанијата планира да ангажира и лица со физичка попреченост што дополнително ја демонстрира нивната општествена одговорност и за што би сакал искрено да им честитам, рече премиерот Груевски.

Тој подвлече дека од особено значење е што во втората фаза од оваа инвестиција ГРИШКО планира да ја отвори втората фабрика во градот Демир Хисар која ќе вработува дополнителни 200 лица, а ќе биде сместена во поранешната болничка женска зграда. А, треба да почне да работи кон крајот на годината.

– Со тоа ќе се заокружи една голема инвестиција за Демир Хисар, инвестиција која ќе го заживее и позитивно ќе го раздвижи регионот. Инвестиција која ќе донесе придобивки како за нововработените и нивните семејства така и за другите македонски компании од текстилната и чевларската индустрија кои ќе соработуваат со ГРИШКО, подвлече премиерот Груевски.

Сопственикот на компанијата Николај Гришко посочи дека клучно за да ја донесе одлуката да инвестира во Македонија била енергијата и искреноста, како и чесноста на премиерот и неговиот тим при нивната средба во Москва лани во јуни.

– Тоа беше почеток на овој проект. Ветивме дека ќе отвориме нови работни места и оваа фабрика е потврда за тоа. Од денес јас сум Македонец, жител на оваа прекрасна земја. Морам да ви признам дека корупцијата и криманалот се отсутни во земјава и не верував дека такво нешто може да постои, рече Гришко искажувајќи особена благодарност за поддршката на владиниот тим во реализирањето на инвестицијата.

Рускиот амбасадор во Македонија Олек Николаевич Чербак ја поздрави оваа руска инвестиција во Македонија со која, како што рече, се зголемува обемот на руски директни инвестиции кои во моментов изнесуваат 400 милиони долари.

– Руската федерација има цел и понатаму да дава максимален придонес на односите од взаемен интерес, меѓу другото и во трговско економската и во инвеститорската сфера. За постигнување конкретни резултати сметаме дека е значајно да се зголемува конструктивната соработка и на државно ниво, како и да се одржува динамичен развој во комункацијата на бизнис заедниците на двете земји, посочи амбасадорот Чербак.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески повтори дека ова инвестиција значи препород на Демир Хисар и обезбедување егзистенција за стотици семејства од овој регион.

– Владата настојува да донесе инвеститори во сите региони на државата, а посебно сме задоволни што господинот Гришко реши оваа инвестиција да ја направи токму од Демир Хисар. Значи, производството од Демир Хисар ќе се пласира во најпознатите светски пазари од Америка до Русија, Јапонија, Италија, а компанијата, која што е број еден во светот од оваа област, ќе произведува обувки овде во Демир Хисар, а ќе се продаваат во целиот свет, рече Ставрески.

Министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлевски, кој ја водеше оваа инвестиција до целосна реализација, подвлече дека Гришко е светски реномирана компанија и една од трите светски лидери во производство за балетска, чевли за сите танцови стилови, облека за фитнес јога и други слободни спортски активности. Поседува пет фабрики, а производството го пласира во 70 земји во светот.

Сопственикот на компанијата Гришко искажа подготвеност и за поддршка на балетската уметност во Македонија и подобрување на условите во кои работат играчите на балетот, а се најавува и можност за стипендирање на наши уметници и престој на семинари во Русија.

По повод отворањето на фабриката ГРИШКО во Домот на културата во Демир Хисар концерт одржа дел од Ансамблот на Македонската опера и балет.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.