Скопје, 2 јули 2014 (МИА) – Менаџери на корејски компании позитивно ги оценуваат поволностите што ги нуди Македонија за реализација на странски инвестиции.

Поголема комуникација, сметаат, може да резултира со соработка во повеќе области, меѓу кои туризмот.

На бизнис форум денес во Сеул македонскиот владин тим предводен од премиерот Никола Груевски ги запозна компаниите од автомобилската, информатичко – технолошката индустрија и туризмот со можностите за реализација на странски инвестиции во Македонија .

Спроведените реформи во Македонија за унапредување на бизнис климата, според Груевски, создадоа услови за ефективна работа на компаниите. Покрај воведувањето ниски и рамни даноци, инвестициите во образованието во насока на креирање добро едуцирана работна сила, поволностите кои се даваат во технолошко – индустриските развојни зони, премиерот Груевски на бизнис форумот ги истакна и придобивките од проектот Регулаторна гилотина, а тие беа позитивно оценети од бизнис секторот.

– Заедно со стопанските комори од земјата и со околу 300 компании со различна големина и од различни сектори, ги детектиравме најголемиот број проблеми со кои се соочуваа компаниите, главно од бирократски карактер, и елиминиравме многу од нив, или ги направивме побрзи или поевтини, или пак комбинација од двете, и тоа беше сериозно подобрување на бизнис климата во Македонија, истакна премиерот Груевски во своето обраќање, соопшти службата за информирање на македонската Влада.

Презентираните поволности беа позитивно оценети од присутните корејски менаџери на компаниите.

– Туризмот може да претставува поле на соработка меѓу двете земји, оцени Ким Грејс, менаџерка на туристичката компанија „ДГ Тур“ од Сеул, која има интерес корејските туристи да ја запознаат Македонија. Минатата година, посочи Грејс, Хрватска беше значајна туристичка дестинација за Корејците и многумина ја посетуваат. Многу Корејци може да ја посетат и Македонија, мислам дека Македонија е убава и пријатна земја и сигурно дека ќе се обидам да стане туристичка дестинација за Корејците, вели Ким Грејс.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески смета дека Кореја е брзорастечка економија и оти треба да се вложува напор за да се презентираат поволностите кои ги нуди Македонија за инвеститорите.

– Беше значајно првпат една македонска делегација, владина делегација предводена од премиерот Груевски, да дојде овде во Јужна Кореја да ги презентира можностите кои Република Македонија ги нуди на бизнисмените од Кореја, да н è запознаат подобро, да слушнат за ниските даноци и за поволната бизнис клима, за можностите да ја користат Македонија за влез на европскиот пазар. Тоа наиде на добар интерес кај присутните бизнисмени овде и веруваме дека на тој начин во иднина ќе дојде до реализација на нивни посети во Македонија, рече Ставрески.

Бизнисмените од Кореја, исто така, поддржуваат поголема комуникација помеѓу двете страни, како насока за воспоставување конкретна соработка.

– Ќе треба време, затоа што Македонија не е позната во Кореја . Ако организирате повеќе вакви настани како денешниот, тогаш е можно корејската Влада, компаниите и народот да пробаат да најдат ново место за инвестиции и мислам дека Македонија е добро место за инвестиции, истакна Ким Шонг Конг од Корејската бизнис асоцијација . Бизнис форумот во Сеул, организиран во соработка со групацијата Фајненшл Тајмс, е дел од активностите на владината делегација во Кореја, по нивната посета на Јапонија. Посетата на државите од азискиот континент ќе биде заокружена со престој во Специјалниот административен регион Хонг Конг, дел од Народна Република Кина.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.